ГРУЕВСКИ ОД БЕЛГРАД ЗА БУДИМПЕШТА ЛЕТАЛ СO АВИОН НА ПРИЈАТЕЛИ НА ОРБАН НА 15 НОЕМВРИ, А НЕ НА 13 НОЕМВРИ КАКО ШТО ОБЈАВИ НА ФЕЈСБУК

    ГРУЕВСКИ ОД БЕЛГРАД ЗА БУДИМПЕШТА ЛЕТАЛ СO АВИОН НА ПРИЈАТЕЛИ НА ОРБАН НА 15 НОЕМВРИ, А НЕ НА 13 НОЕМВРИ КАКО ШТО ОБЈАВИ НА ФЕЈСБУКЛуксузниот авион „бомбардиер глобал 6000“ вреден 53 милиони евра полетал од Виена за Будимпешта, а од таму за Белград и пак се вратил назад; - авионот снимен на аеродромот во Варшава (Фото: ЕРЛАЈНЕРС.НЕТ)

    Со приватен авион на унгарски олигарх што го користи и премиерот Виктор Орбан, избеганиот осуден пратеник и експремиер Никола Груевски допатувал во Будимпешта од Белград рано ноќта на 15 ноември, а не на 13 ноември како што напишал на Фејсбук кога објави дека избегал и бара политички азил во Унгарија, сугерираат унгарските медиуми.

    Унгарскиот сајт АТЛАСО, пишува дека луксузниот авион „бомбардиер глобал 6000“ вреден 53 милиони евра полетал од Виена за Будимпешта, а од таму за Белград и пак се вратил назад.

    Според траекторијата на движење (црвената линија и авиончето на сликата) авионот полетал на 14 ноември од Виена во 18.14 часот, од Будимпешта за Белград во 20.30, а во 02.30 на 15 ноември од Белград се вратил за Будимпешта (Фото: ПЛЕЈНФАЈНДЕР.КОМ)

    Според логот на летање на авионот кој е регистриран во Австрија под кодот ОЕ-ЛЕМ, достапен на сајтот ПЛЕЈНФАЈНДЕР, тој полетал на 14 ноември од Виена во 18.14 часот, од Будимпешта за Белград во 20.30, а во 02.30 на 15 ноември од Белград се вратил за Будимпешта. Според ПЛЕЈНФАЈНДЕР, авионот е уште во Будимпешта.

    Груевски на својот фејсбук профил објави дека е во Будимпешта и бара политички азил на 13 ноември во 13.11 часот.

    Не е точно познато кој е сопственик на луксузното летало, извесно е дека е унгарски олигарх кој под лизинг има земено авион регистриран на австриска компанија за оперирање со приватни авиони International Jet Management GmbH. Станува збор за сосем нов авион, кој во март годинава стасал од фабриката на „Бомбардиер“ во Монтреал. Иако регистриран во Виена, авионот најчесто се наоѓа на аеродромот во Будимпешта.

    Според логот на летање на авионот кој е регистриран во Австрија под кодот ОЕ-ЛЕМ, достапен на сајтот ПЛЕЈНФАЈНДЕР, тој полетал на 14 ноември од Виена во 18.14 часот за Будимпешта (Фото: принтскрин од ПЛЕЈНФАЈНЕР.КОМ)

    АТЛАСО пишува дека авионот е на олигархот Лоринч Месарош, кој е близок пријател на Орбан кој и самиот често лета со него кога патува приватно, како на пример на фудбалскиот меч со Бугарија на 25 јули годинава. Унгарската влада, пак, сугерира дека авионот е на олигархот Иштван Гаранчи и дека Орбан патува со него по негова покана.

    Унгарскиот премиер Виктор Орбај и самиот често лета со луксузниот авион кога патува приватно, како на пример на фудбалскиот меч со Бугарија на 25 јули годинава (Фото: АТЛАСО)

    Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот наглог оти во домот немаше никого.

    На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

    На 15 ноември Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана. Портпаролот на албанската полиција Гентиан Мулаи, вчера за АФП изјави дека Груевски во Албанија несомнено  влегол нелегално пеш, зашто влезот не е регистриран на ниту еден граничен премин меѓу Македонија и Албанија.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Во објавениот текст забележлива е нетипична грешка во правописот, придавката унгарски е напишана со голема буква, а редоследот на зборови личи како буквален превод од англиски (Фото: принтскирн од фејсбук страната на Никола Груевски)

    „За да не привлече внимание, Груевски границата меѓу двете земји требало да ја премине пеш, дали кај Преспа, југоисточна Албанија, дали преку Дебар, североисточна Албанија“, рече рече Мулаи.

    Од Албанија во Црна Гора Груевски влегол со лична карта, оти  македонските државјани можат непречено да влезат во Албанија, Црна Гора и Србија и без пасош, а до 13 номеври за него немаше меѓународна потерница.

    Црногорската полиција на 15 ноември потврди  дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

    Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција кажа дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.

    Заев кажа и дека очекува и Груевски и Унгарија да кажат дали тој е во бегство или е киднапиран.

    „Секоја амбасада и дипломатско возило се екстериторијалност и од тој аспект јавно прашувам дали е во бегство или е киднапиран“, рече Заев без да образложи врз основа на што ги темели сомнежите за можно киднапирање.

    Од кабинетот на Орбан вчера соопштија дека ниту унгарската држава, ниту унгарските власти му помогнале на Никола Груевски да избега од Македонија, но не ги демантираа информациите дека Груевски со македонската лична карта и унгарското дипломатско возило на 11 ноември од Албанија преку Црна Гора влегол во Србија и оттаму во Унгарија.

    „Никола Груевски изрази намера да поднесе барање за азил во едно од унгарските претставништва во странство. Од безбедносни причини, унгарските власти овозможија поднесувањето на барањето и интервјуто на Никола Груевски, кој беше македонски премиер десет години, да бидат во седиштето за Канцеларијата за азил и имиграција во Будимпешта. Канцеларијата за азил и имиграција постапува по барањето за азил согласно унгарскиот закон и во хармонија со меѓународните закони. Исто така, во согласност со унгарските правни процедури и со меѓународната практика, додека процедурата не се заврши унгарските власти немаат право да обезбедат дополнителни информации во врска со процедурата за азил. Нагласуваме дека Никола Груевски е во Унгарија легално, во согласност со законските одредби кои се однесуваат на процедурата за азил“, се вели во соопштението од Кабинетот на Орбан.

    Македонското  Министерството за правда подготвува обемна документација за неговата екстрадиција која, според Владата, има 800 страници и деновиве официјално ќе и биде доставено на Унгарија.

    „Очекуваме Унгарија да го потврди пријателството кон Македонија и почитувањето на меѓународното право, односно да го одбие барањето за азил, да го екстрадира Груевски и тој тука да ја отслужи казната затвор“, рече вчера премиерот Заев.

    „Ако се утврди одговорност, ќе понесе одговорност па кој сака нека е во државата, почнувајќи од мене, па кој било друг. Но, не можеме да разрешуваме луѓе, затоа што е гневна јавноста. И порано се поставуваше дилемата дали Заев се договорил со Груевски со Пржинскиот договор, па испадна дека не се договорил. Сѐ што сум кажал, така било. Јас кажувам дека Груевски ќе биде вратен. Унгарија треба да каже дали бил киднапиран, дали по своја волја влегол во дипломатско возило“, рече вчеравечер Заев во интервју за „360“ и укажа на примерот со хрватскиот експремиер Иво Санадер, кој откако беше осуден за корупција во 2010 избега од Хрватска, но една година подоцна беше фатен и испорачан во Хрватска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира