ХОЛАНДИЈА БАРА ПАРЛАМЕНТОТ НАВРЕМЕ ДА ИЗБЕРЕ УСТАВНИ СУДИИ ОД РЕДОТ НА ИСТАКНАТИ ПРАВНИЦИ

    ХОЛАНДИЈА БАРА ПАРЛАМЕНТОТ НАВРЕМЕ ДА ИЗБЕРЕ УСТАВНИ СУДИИ ОД РЕДОТ НА ИСТАКНАТИ ПРАВНИЦИСедницата на комисијата за избори и именувања во јуни се прекина откако опозицијата се посомнева дека СДСМ сакал двајца од кандидатите за уставни судии да бидат истакнати партиски членови. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд ќе остане уште без еден судија и ќе се сведе само на петмина уставни судии, ако во ноември и најдоцна во декември не се изберат тројцата кои фалат уште од втори јуни. Со тројца судии помалку Уставниот суд едвај функционира, а во јануари 9-годишниот мандат му истекува и на судијата Јован Јосифовски.

    Собранието не само што не го имаше спремено теренот веднаш на втори јуни да ги избере судиите и да го обезбеди полниот број од вкупно 9 уставни судии, туку дозволи и политичките скриени намери и кавги да го одолговлечат изборот, а Судот да го остават половичен.

    Седницата на Собраниската комисија за избори и именувања во јуни се прекина откако опозицијата се посомнева дека од тројца уставни судии, колку што треба да се изберат во Парламентот, СДСМ сакал двајцата да бидат истакнати партиски членови. На тоа реагирала амбасадата на Соединетите американски држави со писмо до претседателот на комисијата Костадин Костадинов од СДСМ, со кое, како што објави „360 степени“, побарала информации за процесот.

    Нивните имиња, иако се шпекулираа, никогаш не се обелоденија, а владејачкиот СДСМ тврди дека воопшто немало таков обид за партизација на Уставниот суд.

    „Точката за предлагање и утврдување на кандидати за судии на Уставниот суд се прескокна. До распишување на локалните избори немаше предлози. По распишувањето, пак, избор не може да се врши. Седницата ќе продолжи по изборите“, велат пратениците од СДСМ – членови на Комисијата за избори и именување.

    Претседателот на комисијата Костадинов е кандидат на СДСМ за градоначалник на Струмица.

    Деновиве и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп побара Собранието навреме да ги избере тројцата уставни судии, но од редот на истакнати правници, за кои вели, оваа земја несомнено ги има.

    Кралството Холандија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија за реформи и за функционално судство, односно за владеење на правото. Вршат и мониторинг на работата на Уставниот суд.

    „Уставниот суд е единствен и важен заштитник на владеењето на правото и човековите права во земјата и од најголема важност е да не се наруши неговото функционирање. Работата на модерната демократија значи дека институциите треба да имаат доволно човечки и финансиски капацитети, независност и интегритет за да ја исполнат улогата за која се формирани. Северна Македонија, е модерна демократија, која ги споделува вредностите со своите европски врсници и ќе биде член на европското семејство. Тоа подразбира дека системите за заштита на човековите права и за владеењето на правото, не треба да се прекинуваат, а политичките тела, Парламентот, треба да ги испорачаат и навреме да ги изберат тројцата судии на Уставниот суд, во согласност со законот, од групата истакнати правници, какви оваа земја несомнено има “, рече амбасадорот Коп на завршната конференција на проектот „Уставниот суд – гарант на владеењето на правото“, поддржан од амбасадата на Кралството Холандија.

    На втори јуни заврши 9-годишниот мандат на уставните судии Елена Гошева, Сали Мурати и Никола Ивановски. Оттогаш Уставниот суд работи само со шестмина судии, неможејќи да одлучува за крупни предмети, но и за интерни одлуки за кои е добро да се слушне мислењето од 9, а не само од 6 судии.

    Уставни судии во нашиот систем, не се бираат на оглас. Нив ги предлагаат пратениците кои се членови на Комисијата за избори и иманување. Секој предлог оди на гласање првин во Комисијата. Оние предлози кои ќе добијат мнозинство гласови, одат на пленарна седница, каде е конечниот избор на судии на Уставниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира