И ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА ЕПИДЕМИЈАТА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕ И УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    И ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА ЕПИДЕМИЈАТА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕ И УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Нема да се примаат деца во градинка и училиште и по завршување на епидемијата согласно постоечките закони и одлуки на Уставен суд. За да ги увери родителите дека вакцините се квалитетни и безбедни министерот за здравство Венко Филипче на 10 јануари на неговата Фејсбук страница објави дека ја вакцинирале и неговата внука Илина (Фото: Фејсбук)

    Градинките и училиштата и по завршување на епидемијата со мали сипаници во Скопје нема да примаат невкцинирани деца, вели министерот за здравство Венко Филипче, по реaкциите на родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца дека забраната е времена мерка која ќе заврши со отповикување на епидемијата.

    „Нема да се примаат деца во градинка и училиште и по завршување на епидемијата согласно постоечките закони и одлуки на Уставен суд. Епидемијата не е отповикана, се уште секојдневно има нови случаи“, вели Филипче.

    Родителите деновиве на социјалните мрежи водат жестоки дискусии околу тоа дали по завршување на епидемијата ќе може да се носат невакцинирани деца во градинките. Дел од нив велат дека ова е времена мерка и дека откако ќе биде отповикана епидемијата градинките ќе може да примаат и невакцинирани деца. Други пак реагираат дека со времената мерка биле принудени да ги вакцинираат децата, а трети пак реагираат дека оние што одбиваат да ги вакцинираат своите деца го загрозуваат и здравјето на останатите.

    Забраната за прием на деца во градинките и училиштата здравствените власти ја донесена како мерка при прогласување на епидемијата на морбили во Скопје на втори јануари годинава, откако беа откриени повеќе заразени деца од предучилишна возраст во скоро сите општини во Скопје. Претходниот месец епидемија на мали сипаници беше прогласена во скопската населба Радишани, каде беа регистрирани шест заболени деца кои посетувале иста градинка и еден возрасен.

    Уставниот суд во 2014 година не поведе постапка по инцијативата од група родители за преиспитување на задолжителната вакцинација при упис во училиште и градинка согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.

    „Задолжителната вакцинација, која со оспорениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести е предвидена, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот, а посебно на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Од наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот“, се вели во образложението на одлуката на Уставниот суд.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари