И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ПРИ ИЗБОРОТ Ѝ ДАЛЕ МАКСИМАЛЕН БРОЈ БОДОВИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ОСОМНИЧЕНА ЗА КОРУПЦИЈА

    И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ПРИ ИЗБОРОТ Ѝ ДАЛЕ МАКСИМАЛЕН БРОЈ БОДОВИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ОСОМНИЧЕНА ЗА КОРУПЦИЈАДимитровска беше прва на ранг-листата кандидати за ДКСК со вкупен просек од 76 бода; - Од заклетвата на ДКСК во Собранието на 8 февруари 2024. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, која како осомничена во случајот „Адитив“ попладнево е изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, при изборот на оваа функција во ноември 2023 добила максимален број бодови од пратениците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од Демократско движење кои беа во собраниската Комисија за селекција на кандидатите, и таа беше прворангирана на ранг-листата.

    Истрагата „Адитив“ е за набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“.

    Претседателка на Комисијата за селекција на кандидатите тогаш беше Фаница Николоска од СДСМ, а членови беа Берат Ајдари од ДУИ, Кастриот Реџепи од Демократско движење и Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ. Тие на Димитровска ѝ дадоа максимален број бодови во сите категории за кои беше оценувана, меѓу кои и за „Искуство и достигнувања во борбата против корупцијата“. Така, таа од четворицата партиски претставници доби вкупно 100 бода, а од претставникот на Народниот правобранител Јован Андоновски доби 97 бода, додека од двајцата претставници од невладиниот сектор Снежана Камиловска-Трповска и Никола Додов доби по 20 бода. Со тоа, Димитровска беше прва на ранг-листата кандидати со вкупен просек од 76 бода.

    „Врз основа на дадените одговори, Комисијата за селекција оцени дека кандидатот има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Даде одлични одговори за поставените општи и прашања“, се вели за Димитровска во образложението за ранг-листата на Комисијата за селекција на кандидатите од 28 ноември 2023.

    Илустрација за бодувањето на кандидатите за членови на ДКСК од собраниската Комисија за избор на ДКСК на 28 ноември 2023. (Фото: Призма)

    Димитровска на чело на Антикорупциската комисија дојде по 19 години работа во Државниот завод за ревизија (ДЗР), каде од 2021 беше помошник на главниот ревизор, меѓу другото и за ревизија на политички партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други, како што рече таа на јавното интервју пред Комисијата за избор на ДКСК. Новиот состав на ДКСК беше избран на 29 ноември 2023, а Собранието го изгласа со 97 гласа „за“ на 22 декември 2023, и новата Антикорупциска комисија стапи на функција на 8 февруари 2024. За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат кои на 23, 24 и 25 ноември 2023 беа испрашувани од Комисијата за избор.

    Бодување на Димитровска од Комисијата за избор на ДКСК од 28 ноември 2023. (Фото: Принтскрин од Собрание на РСМ)

    Димитровска која е осомничена заедно со уште две лица за незаконски дејства поврзани со обвинетите во големиот корупциски предмет „Адитив“, оддавала службена тајна по вибер и ватсап, од мај до декември 2024 година. За Димитровска има мерки за претпазливост, за да се осигура Обвинителството дека нема да да бега откако е откриена што правела со еден од обвинетите во „Адитив“.

    Тоа значи дека обвинителот ќе бара да ѝ се одземе не само македонскиот пасош, туку и дипломатскиот пасош кој на неа ексклузивно ѝ беше даден од Министерството за надворешни работи. Притвор нема да се бара за неа.

    Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица. Димитровска е третоосомничена.

    „Третоосомничената со умисла, како службено лице претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на лице обвинето во предметот ‘Адитив’ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, како и одлуки за тие предмети, како и податоци за проверка на неговиот и на имотот на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, вели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

    Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на електрани на северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.

    „Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД ‘Пошта на Северна Македонија’, создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка“, стои во наредбата за истрагата на Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира