Премиерот Зоран Заев смета дека има предност во тоа што Македонија е една од ретките земји каде уште не е почната вакцинацијата на населението против ковид-19. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека доцнењето на вакцините ни дало можност да ги видиме предностите и слабостите на целиот процес.
„Има една предност, еве така да кажам, што сме земја со задоцнување со вакцините. Земјите-членки на Европската унија почнаа пред нас и можевме да ги согледаме предностите или слабостите и да заклучиме дека вакцините се безбедни и граѓаните масовно треба да ги прифатат“, кажа Заев на почетокот на изградбата на градски пазар во Делчево, каде присуствуваше заедно со вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски.
Заев кажа дека со 24.000 дози на вакцината „АстраЗенека“ што ќе дојдат в недела ќе почне масовната имунизација на населението, а во наредните денови, како што кажа, требало да стасаат вакцини и од други производители, не прецизирајќи од кои.
Ова се први вакцини кои земјава ги добива преку Ковакс механизмот. Досега добиени се само само 8.000 дози на компанијата „Фајзер“ од Србија и 3.000 од договорот на владата за руската вакцина „спутник“. Досега во Македонија вакцинирани се само дел од медицинските лица.
Во март починаа 437 луѓе од компликации предизвикани од ковид-19, заклучно со вчера (25 март), што е за 189 повеќе од цел февруари, кога починаа 248 луѓе, според официјалните бројки од Институтот за јавно здравје. Дневните бројки на починати од ковид-19 почнаа да растат од 9 март, кога беа регистрирани 22 починати, а најмногу починати месецов имаше на 22 март – 30 и вчера – 29. Од почетокот на пандемијата, во Македонија се починати вкупно 3.574, а во моменов активни се 16.543 болни.
Од Министерството за здравство вчера ни изјавија дека нема никаква пречка македонските државјани да се вакцинираат во Србија или која било друга земја ако добијат уредна потврда, откако многу граѓани добија термини викендов да се вакцинираат во Белград.
А. АНТЕВСКА