Специјалната обвинителка Катица Јанева е третото осомничено лице во истрагата именувана „Рекет“ и како и прво и второосомничените Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец, не се спаси од притвор – вчера доби 30 дена притвор и е спроведена во затворот во Шутка. Со оглед дека шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска кажа оти истрагата може да трае и шест месеци, се очекува да биде проширена и на други лица.
Боки 13 и Кичеец се веќе на второто продолжение на мерката притвор од по 30 дена. Тие засега се осомничени за тргување со влијание и за перење пари. Рускоска смета дека кај Јовановски, Кичеец и Јанева постои опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.
Од странките во истрагата дознаваме дека клучни за наредбата за истрага против Катица Јанева биле токму исказите на еден од осомничените, што за кратко време Рускоска ги потврдила и од други сведоци во текот на истражната постапка за „Империја“ на СЈО, каде што се осомничени Орце Камчев, Цветан Панделески, Сашо Мијалков и 10-мина други, како и преку одредени финансиски трансакции.
Осомничениот Кичеец на 19 август, три часа даваше исказ за случајот „Рекет“ во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Следниот ден, на 20 август исказ даваше Јанева. Рускоска вчера на прес-конферецијата, одби да одговори на новинарското прашање кога исказ ќе дава Боки 13. Според обвинителската пракса, пак, обвинителите може исказ да земат и со посета на осомничен во притворот.
Но ова досега, според Обвинителството, е само дел и тоа е сработено и поткрепено со цврсти докази. Тоа е делот кој се однесува на рекетирање на бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените во „Империја“ на СЈО за перење на над 11 милиони евра.
Јанева на 20 август рече дека во ОЈО за организиран криминал дојде како сведок, но Рускоска вчера потврди дека таа била повикана како осомничена. Според изјавата на адвокатот на Јанева, Стеван Павлески, немало најави дека ќе се прошири истрагата врз Јанева, а многу работи кои беа кажани од државниот обвинител Љубомир Јовески и од Рускоска на вчерашната прес-конференција непосредно по апсењето на Јанева, воопшто не биле спомнати од Рускоска на сослушувањето на Јанева во вторникот. Дури ни мебелот од 5.000 евра, за кој има сомневања дека Јанева го добила како подарок од Камчев зашто му ја олеснила ситуацијата со пуштањето во куќен притвор и со давањето времена патна исправа, воопшто не бил спомнат.
„Еден од осомничените (Боки 13 н. з.), со влијание врз Јанева врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз неа за таа да преземе недозволени дејствија за на едно лице (Орце Камчев н. з.) да му се олесни притворот, да му се замени со куќен притвор, да предложи во СЈО спогодба за вина со плаќање на отштета и враќање на пасошот“, рече вчера Јовески, поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности потоа со кои се реализирани сите овие ветени олеснувања.
Двајцата, за да го убедат осомничениот Камчев дека кај Јанева имаат влијание, преку спикерфон од телефонот добиле нејзина потврда пред Камчев дека ветувањата за олеснувањата ќе бидат извршени од неа.
По ова, сопругата на Орце, Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор доплатил уште милион евра, рече Јовески.
Со ветување дека Камчев ќе биде заштитен сведок и ќе плати со спогодба, без да оди в затвор, Јанева прибавила имотна корист – мебел во износ од 298.000 денари (околу 5.000 евра), кој за специјалната обвинителка го набавил еден од осомничените, во исто време кога бил доплаќан милионот евра за Боки 13 и за Зоки Кичеец. Според Обвинителството за организиран криминал, претходно, додека Камчев уште бил во притвор, неговата сопруга Ана му платила на Боки пола милион евра за да посредува кај Јанева да го ослободи нејзиниот сопруг со спогодба за вина со незначително обештетување на државата. Боки 13 и Кичеец првично за овие услуги од Јанева што му ги ветувале, му барале 8 милиони на Орце Камчев.
Вчера, на Јанева и се слоши пред судија на претходна постапка. Дополнителен притисок, велат странките во истрагата, биле стресот од веста дека кога била апсена вчераутро, починала нејзината мајка.
Денеска Јанева на неколку часа ќе го напушти затворот во Шутка, ќе оди со полициска придружба на погребот на мајка си во Гевгелија.
С. К. ДЕЛЕВСКА