НАПРАВИВМЕ ИТНА НАБАВКА ЗА ДА НЕ ОСТАНАТ ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БЕЗ ИНСУЛИН, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    НАПРАВИВМЕ ИТНА НАБАВКА ЗА ДА НЕ ОСТАНАТ ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БЕЗ ИНСУЛИН, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕМинистерството за здравство вели дека не добило донација за еден вид инсулин, и направило итна набавка додека да излезат резултатите од Агенцијата за лекови за квалитетот на инсулинот од паралелен увоз- Министерот за здравсто Филипче

    Болните од дијабетес го користат и инсулинот што Министерството за здравство го доби како донација од еден од производителите и инсулинот на кој Агенцијата за лекови скоро цел месец му го проверуваше квалитетот, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој објаснува дека договорот што Министерството го потпишало на 27 декември лани за набавка на 15.000 дози инсулин во постапка со преговарање без претходно објавување оглас, вреден 2,5 милиони денари, е направен за да се обезбеди терапија за децата со дијабетес, бидејќи за нив не добиле донација.

    „Со донацијата требаше да се преброди периодот додека траеше испитувањето на квалитетот на инсулинот од главниот дистрибутер што го правеше Агенцијата за лекови. Во тоа време Министерството немало информација колку ќе трае испитувањето и какви ќе бидат резултатите од него, односно дали инсулинот ќе може да се користи и за да не се случи да нема инсулин направена е оваа интервентна набавка“, вели Филипче.

    Роберт Бекировски, директор на Агенцијата за лекови, вчера одби да каже кој инсулин е во промет и упати одговор да бараме во Министерството.

    „Најбитно е дека граѓаните во моментов користат квалитетни инсулини“, рече Бекировски.

    На 28 декември Агенцијата за лекови соопшти дека по деталните лабораториски проверки на инсулинот, кој се проверуваше бидејќи при првичниот инспекциски надзор утврдила дека производствената локација наведена на надворешното пакување на лекот не е пријавена во Агенцијата, и за што поведе прекршочна постапка против дистрибутерот, е исправен и ги задоволува критериумите за квалитет и дека донеле решение да се пушти во промет.

    На 27 декември пак, еден ден пред тоа, Министерството за здравство склучило договор за набавка на инсулин од друг добавувач во постапка со преговарање без претходно објавување оглас.

    Во описот на набавката стои дека оправданост за ваква набавка е од причини од крајна итност, оти во тек се контроли на квалитетот на инсулинот увезен со паралелен увоз, а Националната комисија за дијабетес дала насоки да се обезбеди инсулин, за да не се случи да снема од лекот, што може да предизвика витално загрозување на здравјето на пациентите.

    „Министерството за здравство ова постапка ја спроведува за да се надмине новонастанатата ситуација и количините утврдени во оваа постапка ќе бидат повлечени само ако тоа е неопходно до завршување на постапката за испитување на инсулините од страна на Агенцијата за лекови, односно во зависност од добиените резултати од испитувањето“, стои во описот на набавката објавен од Бирото за јавни набавки.

    Министерот Филипче вели дека со законските измени што ги подготвуваат за паралелен увоз на лекови, освен што ќе се бара сертификат за квалитет од дистрибутерот, ќе обезбедат секогаш да имаат резерви од инсулин и други лекови, за да не се случи да се најдат во ситуација да нема терапија.

    „Во вакви случаи како овој да не останат пациентите без терапија, ќе обезбедиме секогаш да има резерва од каде да повлечеме лекови“, вели Филипче.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира