ИВАНОВ МУ КАЖАЛ НА ДИМИТРОВ ДЕКА НЕ ПРИФАЌА ИМЕ ЗА СЕВКУПНА УПОТРЕБА

    ИВАНОВ МУ КАЖАЛ НА ДИМИТРОВ ДЕКА НЕ ПРИФАЌА ИМЕ ЗА СЕВКУПНА УПОТРЕБАОд кабинетот на Иванов соопштија дека на средбата Димитров не му приложил никаков писмен документ и дека целиот процес наликувал на личен договор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Ѓорге Иванов нема да прифати име за севкупна употреба за решавање на спорот за името со Грција, соопштија од неговиот кабинет по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Денеска во вилата Водно министерот Димитров го информирал претседателот Иванов за содржината на последните разговори во Њујорк и Брисел со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

    По средбата, од кабинетот на Иванов соопштија дека на средбата Димитров не му приложил никаков писмен документ и дека целиот процес наликувал на личен договор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

    „Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес”, рекол претседателот Иванов на средбата.

    Како што стои во соопштението, Иванов смета дека склучувањето на меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

    По средбата со претседателот, министерот Никола Димитров изјави дека за прашањето за името е потребно највисока одговорност од сите политички фактори во земјава.

    „За ова исклучително значајно прашање за разликата околу името, прашање што нè  влече надолу и ни ја попречува иднината повеќе години, потребно е лидерство и највисока одговорност од сите политички фактори. Доколку најдеме начин да го затвориме проблемот со зачувување на идентитетот и достоинството, сите заедно, ќе бидеме на правата страна на историјата“, рече Димитров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира