ЈА ОДЛОЖИВ СЕДНИЦАТА ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОТИ ИМАМЕ ПОПРИОРИТЕТНИ РЕФОРМИ, ИЗЈАВИ АРТАН ГРУБИ

    ЈА ОДЛОЖИВ СЕДНИЦАТА ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОТИ ИМАМЕ ПОПРИОРИТЕТНИ РЕФОРМИ, ИЗЈАВИ АРТАН ГРУБИСобранието неделава треба да избере Јавен обвинител. - Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби (Фото: М. Златевска)

    Комисиската расправа за законот за јазици е одложена и ќе продолжи по донесување на буџетот. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби вели дека ја одложил расправата затоа што неделава Собранието треба да се занимава за значајни реформски прашања, па не сака јавноста да се дефокусира со законот за јазици.

    „Проценив дека неделава е многу значајна за други реформски прашања и дадов предност на тоа, за да не овозможам дефокусирање на јавноста од тоа што во моментов е најзначајно и итно“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Груби, кој е во Брисел на конференција посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

    Утре е Ден на албанската азбука, а за в сабота во Собранието е закажана седница, на која што на дневен ред е изборот на нов Јавен обвинител и законски измени во врска со Судскиот совет и заштита на сведоци, па остануваат слободни само два дена, недоволно за комисиска расправа. Од понеделник, пак, Собранието треба да почне со процедурите за донесување на Буџетот за 2018 година.

    Дополнително, еврокомесарот Јоханес Хан за време на вчерашната посета на Скопје кажа дека Владата и другите фактори во земјата имаат поприоритетни прашања за решавање од законот за јазиците.

    „Владата и другите фактори во земјата се фокусираат на законите и условите кои се релевантни за добивање на препорака. Законот за јазик не е дел од она што  е договорено во овој контекст“, кажа Хан.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира