JАКИМОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА НА ЦРНАТА ЛИСТА Е СТАВЕН ОД КОДОШИ КОИ РАБОТАТ ЗА СТРАНСКИ СЛУЖБИ, БЛИНКЕН ВЕЛИ ЗНАЕ ДЕКА ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛ ФУНКЦИЈАТА ЗА ЛИЧНА КОРИСТ

    JАКИМОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА НА ЦРНАТА ЛИСТА Е СТАВЕН ОД КОДОШИ КОИ РАБОТАТ ЗА СТРАНСКИ СЛУЖБИ, БЛИНКЕН ВЕЛИ ЗНАЕ ДЕКА ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛ ФУНКЦИЈАТА ЗА ЛИЧНА КОРИСТЈакимовски денеска поднесе кривична пријава против непознато лице за тоа што е ставен на црната листа на САД; - Од судењето за злоупотреба на службената положба и овластувања додека беше градоначалник на Карпош од 2011 до 2017. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на партијата ГРОМ денеска поднесе кривична пријава во Обвинителството против непознато лице затоа што е ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави (САД). Тој рече дека неправедно и без никакви докази од одредени луѓе кои работат за странски служби е претставуван во јавноста како криминалец, против кој правосудните органи не преземаат ништо.

    „Јас сум длабоко уверен дека ова не е од истражните органи, ниту од претставници од амбасадата на САД, туку од македонски кодоши кои се впуштени во овие нечесни игри и кои цело време суфлираат кој тоа треба да биде на црна листа. Тоа го прават без никакви докази, туку по наратив кои тие ќе го создадат во јавност дека овој е криминалец. Пуштаат кривични пријави што немаат врска со животот за после да викаат види Обвинителството и правосудните органи не постапуваат и затоа ќе го повикаме Стејт департментот. Оваа е политичка хајка за да им се помогне на други кандидати кои учествуваат во претседателската трка“, рече Јакимовски на прес-конференцијата пред Обвинителството.

    Тој кажа дека градоначалничката функција ја вршел чесно и според сите кодекси и токму поради тоа повторно бил избран за градоначалник на Карпош во 2021 година.

    Јакимовски на прес-конференцијата кажа дека САД треба да го корегира односот кон Македонија.

    „Знам дека имаме стратешки партер и тој стрaтешки партнер ние го почитуваме, но во исто време како претседателски кандидат ќе инсистирам тој стратешки партнер да го корегира односот кон Република Македонија и кон политичките лидери. Не можам да прифатам притисокот да се врши еднонасочно само кон Република Македонија. Имаме Договор со Грција, дали втората страна нешто исполни од него, дали уште на таблите пишува Скопје? Дали имаме 17 пресуди во Стразбур против Бугарија за кршење на човекови права и како нашиот стратешки партенер не се сети еднаш било кој званичник од Бугарија да го стави на црната листа, туку цело време притисокот го вршат врз Владата, Претседателот и останатите лидери во Македонија“, кажа Јакимовски.

    Денеска од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски изјавија дека државниот секретар Ентони Блинкен има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција.

    Стевчо Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси, кои се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, на барањето да ја искоментираат изјавата на Јакимовски оти одлуката на САД да го стават на црна листа е „мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата“.

    „Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД“, изјавија од Стејт департментот.

    Јакимовски беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања додека беше градоначалник на Карпош од 2011 до 2017 година. По неколкугодишни одложувања на судските рочишта судењата се прекинаа поради амнестијата преку застарување на делата што ја изгласа Собранието лани во септември во измените на Кривичниот законик.

    Американскиот Стејт департмент во понеделникот го стави на црната листа Јакимовски бидејќи „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

    Стејт департментот во понеделникот ја дополни црната листа на корумпирани лица од Македонија и со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.На црната листа лани на 5 декември САД го ставија и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира