ЈАНАКИЕСКИ ГО ОСУДИ БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ ОТИ ЌЕ ИМ ШТЕТИ НА ПРЕДМЕТИТЕ ВО КОИ СЕ ЗАЕДНО ОБВИНЕТИ

    ЈАНАКИЕСКИ ГО ОСУДИ БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ ОТИ ЌЕ ИМ ШТЕТИ НА ПРЕДМЕТИТЕ ВО КОИ СЕ ЗАЕДНО ОБВИНЕТИ„Најостро го осудувам ваквиот чин, бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети“, изјави Јанакиески за ТВ21 и рече дека не планира да бега од Македонија и дека моментално е во Скопје и утре ќе дојде на рочиштето за „Титаник“ во кое обвинет е и Груевски (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески рече дека најостро го осудува бегството на осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски, кој сега е во Будимпешта каде побарал политички азил.

    „Најостро го осудувам ваквиот чин, бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети“, изјави Јанакиески за ТВ21 и рече дека не планира да бега од Македонија и дека моментално е во Скопје. Најави дека утре ќе дојде на судското рочиште за предметот „Титаник“ на Специјалното обвинителство (СЈО), каде е еден од првообвинетите, а каде обвинет е и Груевски.

    Јанакиески, кој има најмногу обвиненија од СЈО, побара од медиумите „да информираат објективно и повика да се престане лицитирањето за идни притвори и притисок врз судот“.

    Груевски е осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ и набавката на мерцедесот од 600 илјади евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир не успеа да го најде дома за да му го врачи упатниот налог. МВР, кое попладнево официјално потврди дека тој избегал во Будимпешта, објави и меѓународна потерница.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира