КАРАЏОВСКИ ЌЕ СИ БИРА СУДИИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА СУДОВИ ДОДЕКА ЗАЕВ ГО ПРОМОВИРА ПЛАНОТ ЗА РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО

    КАРАЏОВСКИ ЌЕ СИ БИРА СУДИИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА СУДОВИ ДОДЕКА ЗАЕВ ГО ПРОМОВИРА ПЛАНОТ ЗА РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТОСудскиот совет, а особено начинот на изборот, разрешувањето и оценувањето на судии и на претседатели на судии се најспорни и први за реформирање, но претседателот Зоран Караџовски ги игнорира тие јавни укажувања и токму сега распишува огласи за најбитните судови во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет на седницата закажана за в четврток ќе носи одлуки за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1, каде в.д. претседател е Стојанче Рибарев, но и за избор на претседатели на Апелациониот суд Штип и на Основните судови Куманово, Тетово, Дебар и Ресен. Со тоа Судскиот совет ќе ја претрка Владата и планот 3-6-9 на премиерот Зоран Заев, во кој носечка реформа се реформите во правосудството, а почетна точка е распуштање или реформа на актуелниот Судски совет.

    Судскиот совет, а особено начинот на изборот, разрешувањето и оценувањето на судии и на претседатели на судии се најспорни и први за реформирање, но претседателот Зоран Караџовски ги игнорира тие јавни укажувања и токму сега распишува огласи за најбитните судови во Македонија.

    За претседател на суд треба да биде избран судија кој вистински ја ужива подршката од мнозинството судии во судот, а не како досега тој да биде само по волја на Судскиот совет, вели судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот суд Скопје 1, кој предлага Советот пред да го објави огласот да изврши измени во деловникот и да воведе дополнителни и одлучувачки критериуми за избор на претседател на суд (Фото: СДК.МК)

    Судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот суд Скопје 1 кој подолго време беше држен да суди  стари предмети само да не дојде во допир со предметите на СЈО, во врска со најавените огласи од Судскиот совет, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели:

    „Судскиот совет пред да го објави огласот за избор на претседатели на судови треба да изврши измени во деловникот и да воведе дополнителни и одлучувачки критериуми за избор на претседател на суд. Во таа смисла, сметам дека е потребно да се воведе задолжителна обврска на секој од кандидатите за претседател на суд да ја изложи јавно и транспарентно својата програма за работа на судот пред колегиумот на судии, а по однос на професионалниот интегритет и авторитет предходно да се произнесат судиите и судските службеници на судот за кој се кандидира и тоа со тајно гласање, за да се види каков углед ужива кандидатот за претседател на суд. Правото и обврска за тајното гласање во оваа смисла е превидено само од страна на судските службеници во ситуација кога судија конкурира во повисок суд. Сметам дека ова е во духот на забелешките и препораките на Прибе и на тој начин Судскиот совет, ако изврши измени во критериумите за избор на претседател на суд, ќе покаже дека има вистинска желба и намера за промени во судскиот систем, бидејќи во минатото бевме сведоци на избор на претседатели на судови на Кривичниот суд на мускули,  поради целосно неизградените критериуми“.

    Овој судија, кој на минатиот оглас токму поради тенденциозните критериуми за избор на партиски подобен претседател на Кривичниот суд, ја повлече својата кандидатура, тврди дека на начинот кој го препорачува, за претседател на суд ќе биде избран судија кој вистински ја ужива подршката од мнозинството судии во судот, „а не како досега тој да биде само по волја на Судскиот совет“. Туфегџиќ смета дека одлучувачки критериум треба да биде угледот и авторитетот, а не само оценката за работата на судијата, која индивидуално ја дава Судскиот совет.

    „Ако Судскиот совет на РМ не изврши интервенција во оваа смисла, сметам дека ќе остане досегашната пракса на избор на претседатели на судови проследена со низа контроверзии и недоследности и поништувања на огласите. А кон сето ова, неизбежно ќе се даде и политичка димензија“, вели Туфегџиќ.

    На седницата в четврток, Судскиот совет ќе носи одлука и за распиштување оглас за избор на двајца судии во Врховниот суд, четворица Скопска апелација и еден во Апелациониот суд Битола.

    Во Врховниот суд, претседателот Јово Вангеловски од вкупно петмина „парализираше “ четворица кривични судии, зашто гласаа во прилог на случаите на СЈО. На нивно место стави граѓански судии, вклучувајќи се и себеси. Затоа, сега ќе се бираат нови двајца кривичари (Фото: СДК.МК)

    Во Врховниот суд ќе се бираат двајца кривичари. Двајца судии кривичари и двајца граѓански судии ќе се бираат во Апелациониот суд Скопје. Во Битолска апелација ќе се бира еден судија – кривичар.

    Најстрашно е, велат група судии од Основниот суд Скопје 1, што овие огласи ќе бидат незаконски, бидејќи жалбената постапка по приговорите на судиите за последните оценки, сѐ уште не е завршена.

    „На огласите се конкурира со оценки, а на повеќето ни се обжалени и конечни одлуки уште чекаме“, велат судиите.

    Во Врховниот суд, претседателот Јово Вангеловски од вкупно петмина „парализираше “ четворица кривични судии, зашто гласаа во прилог на случаите на СЈО. На нивно место стави граѓански судии, вклучувајќи се и себеси. Затоа, сега ќе се бираат нови двајца кривичари.

    Во Апелациониот суд Скопје, пак, некои од судиите велат дека ако преживеат овие огласи и се истуркаат докрај, ќе се види дали е точно дека навистина му било правено место на експретседателот Владимир Панчевски и на уште еден судија за кои се бара начин да бидат унапредени. Бидејќи во Судскиот совет немало мнозинство кај членовите Албанци да биде изгласан Панчевски за претседател на Основниот суд Скопје 1, со гласање со просто мнозинство се очекува тој да биде награден во Скопска апелација.

    Како трета точка, која не е јавна, на оваа седница ќе почне постапка за разрешување на судија по предлог на Советот на факти, иако и експертот Рајнхард Прибе, и Европската комисија, но и планот за реформи 3-6-9, велат дека веднаш ќе треба да се укине ова тело што му ги спрема на Судскиот совет судиите за разрешување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира