Обвинителката во СЈО Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ кажува дека шефицата Катица Јанева дала согласност Орце Камчев од притвор во Шутка да се префрли во домашен притвор и со тоа му овозможила да влијае на истрагата. Според неа, тоа се гледа сега кога излегоа снимките од неговиот дом поврзани со случајот на обвинителството за организран криминал „Рекет“. Стефанова е обвинителката која ја споменува Камчев во телефонски разговор кој сам си го снимал додека муабетел со Бојан Јовановски-Боки 13. Разговорот беше објавен во италијанскиот весник „Ла верита“.
Таа вели дека само специјалната обвинителка Катица Јанева и никој друг ги носела одлуките за олеснување на состојбата на Орце Камчев и Цветан Панделески додека биле во притвор.
- НА ОРЦЕ КАМЧЕВ СУДОТ МУ ГО ВРАТИ ПАСОШОТ, СЈО ВИДЕЛО НА ТЕЛЕВИЗИЈА ДЕКА Е ВО КЕЛН
- НА КАМЧЕВ МУ Е ВРАТЕН ПАСОШОТ ЗА ДА СЕ ЕДУЦИРА, ВЕЛИ СУДОТ
Стефанова вели дека уште во декември 2018, ѝ се спротивставила на Јанева за тоа на притворените во овој и во други предмети мерката притвор да им биде заменета со куќен притвор. Но, одлуките си ги носела таа, спротивно на сугестиите на Стефанова.
„Конкретно за ’Империја‘ сметав, и таа тоа многу добро го знае, дека мерката куќен притвор не е соодветна во таа фаза на постапката, бидејќи осомничените не може да ги спречи да влијаат на истрагата. Тоа се покажа точно, гледајќи ги снимените видеа што ги правел Јордан Камчев во време кога бил во куќен притвор“, вели Стефанова.
Според неа, првпат проблем со враќање на пасошите настанал со Цветан Панделески во март 2019.
„Спротивно на мојот став, кој го кажав и на неговите адвокати Стеван и Сашка Павлески, дека Панделески не исполнува ниту еден услов да му биде вратен пасошот, Катица Јанева потпиша согласност. Што се однесува до пасошот на Камчев, таа согласност Катица Јанева ја дала без да бидам информирана, бидејќи бев на одмор. Му ја дала согласноста, дознав од колегите, за да присуствува на семинар и на управен одбор. Колешката Елизабета Јосифовска ми кажа дека наредбата да потпише ја добила од Катица Јанева по телефон. Јас ѝ кажав дека не се дава патна исправа на осомничен со двојно државјанство и со имот поголем во странство отколку во Македонија, бидејќи има опасност од бегство. Колешката постапи по наредбата, бидејќи таа и да сака, не може да ја менува“, вели Стефанова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Орце Камчев не се криеше дека пасошот му е вратен кога на 2 јуни се качи на бината во Келн, каде што заедно со ракометарите на Вардар и со Сергеј Самсоненко ја славеше европската шампионска титула по финалето со Веспрем .
Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец се притворени во „Рекет“ што го води Обвинителството за организиран криминал, а истрагата е за изнуда, перење пари и за тргување со влијание за осомничени во случајот „Империја“ на СЈО.
Катица Јанева не е под истрага.
- КАМЧЕВ СЕ ОБИДЕ ПРЕКУ ЧИФЛИГАНЕЦ ДА ВЛИЈАЕ НА ИСТРАГАТА И НАМЕРНО МЕ СПОМЕНУВА ВО РАЗГОВОР ШТО САМ ГО СНИМА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА
- ЈАС СУМ ОБВИНИТЕЛ И КОГА РАЗГОВАРАМ СО ОСОМНИЧЕНИ ПО ТЕЛЕФОН, ЗА ИЗЈАВАТА ИМАШЕ ОПРАВДАНА ПРИЧИНА, ВЕЛИ ЈАНЕВА ЗА СНИМКАТА СО КАМЧЕВ
- ЈАНЕВА БАРАШЕ ДА ЗАПРАТ „ИМПЕРИЈА“ И „ПОШТЕНСКА БАНКА“ БЕЗ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ, СО ВРАЌАЊЕ ПАРИ НА ДРЖАВАТА, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА
С. К. ДЕЛЕВСКА