КАТИЦА КАМШИКУВА, ЛАУРА СКАЛПИРА – ДАМИ СО СПЕЦИЈАЛНА ЗАДАЧА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:264:"ГоранМихајловскипишувакакваесличностапомеѓуспецијалнатаобвинителкаКатицаЈаневаинејзинатаколешкаодРоманијаЛаураКодрутаКовеси

    КАТИЦА КАМШИКУВА, ЛАУРА СКАЛПИРА – ДАМИ СО СПЕЦИЈАЛНА ЗАДАЧА

    За едната велат дека има камшик. За другата велат дека собира скалпови. Едната е Катица Јанева од Македонија. Другата е Лаура Кодрута Ковеси од Романија. И двете жени добиваат сличен третман во светските медиуми.

    Специјалната обвинителка од Македонија Катица, најголемиот светски дневен весник за бизнис и економија „Фајненшал тајмс„ пред неколку дена ја нарече „Жена воин од мало гратче што ја тресе македонската елита“ и ја спореди со „камшик за македонската корумпирана елита“.

    Романската специјална обвинителка Лаура британскиот весник „Гардијан“ ја нарекува „тивка и скромна госпоѓа која што ги собира скалповите“.

    Имав прилика да се сретнам и со двете дами. И оваа нашава „со камшикот“, и онаа романската што „собира скалпови“. Ниту Катица, ниту Лаура не изгледаат така како што се опишани од новинарите. Јанева е постојано насмеана, но и таинствена. Може да си муабетите со неа за се и сешто, ама кога ќе ја прашате за работата, или новинарски ќе замолите за некаква ексклузива, ќе ја навлече на лицето онаа нејзина препознатлива таинствена насмевка и ќе рече: „Ќе видиме, ќе видиме, има многу работа“

    Романската обвинителка ја сретнав кон крајот на март, кога беше дојдена во Скопје на една конференција за борба против корупцијата на високо ниво. Конференцијата ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) со поддршка на американската владина агенција за странска помош УСАИД. Но, вечерта пред конференцијата седевме еден до друг на една неформална вечера во ресторан во старата Скопска чаршија. Се појави спортски облечена, во фармерки и патики во друштво со Анка Јурма, обвинителка од нејзиното обвинителсто која е задолжена за односи со медиумите – нешто слично како и  обвинителката од СЈО Ленче Ристоска.

    За време на вечерата Лаура не зборуваше многу за нејзината работа. Има некое префинето чувство на хумор, раскажуваше анегдоти и додека со сласт густираше од слаткото од зелени смокви, за кое се чудеше што е, оти прв пат пробала, се обидов да и земам изјава. Ми се насмеа и ми рече: „Сега уживам, сега не работам“. Сепак, откако за време на вечерата и се качив на глава, па дури ургирав и кај Анка, нејзината Ленче, обвинителката што зема скалпови праша: „Што те интересира?“

    Ја прашав дали на нашата Катица и дала некаков совет, со оглед на тоа што и двете имаат иста мисија да откриваат корупција во врвовите на власта и се соочуваат со слични политички опструкции. Лаура ми изјави: „Имам порака до Јанева. Не се откажувај! Никогаш не се откажувај! Направи го тоа за твојата држава и за твоите сограѓани, без оглед на пречките со кои ќе се соочиш и кои допрва ќе ти ги поставуваат.“ И – толку.

    Само што станав за да побрзам да го објавам тоа што ми го кажа, ме сопре и ме предупреди: „Ама само толку!“ – Нормално, и одговорив, а таа мртва ладна како да сум, не дај Боже, на распит ми рече: „Ај гледај ме во очи“. Анка, нејзината Ленче се насмеа и кимна со главата. Ми рече: „Бркај работа, Лаура само сака да биде сигурна дека се што кажала неофицијално на вечерата нема да излезе во јавност.“ И – така бидна. Само тоа се појави на САКАМДАКАЖАМ.МК уште вечерта пред конференцијата .

    И Лаура и Катица имаат слично професионално минато. Лаура е родена во Сфанту Георге, град од 52.000 жители во областа Трансилванија. Катица доаѓа од Гевгелија. Таткото на Лаура бил обвинител. Таткото на Катица бил судија. И двете професионалните кариери ги започнале како обвинители.

    И Лаура на почетокот се соочувала со многу институционални пречки. И нејзиното обвинителство ДНА на почетокот работело во привремени простории, како македонското СЈО. И за нејзиното ДНА Парламентот не изгласувал буџет и не одобрувал вработувања.

    Романците се импресионирани од активностите на ДНА и Лаура Ковеси. Според една неодамнешна анкета на јавното мислење, 60 отсто рекле дека ѝ веруваат на агенцијата, а само 11 отсто му веруваат на Парламентот, додека на романската црква ѝ веруваат 61 отсто. (Фото:СДК.МК)

    Романците се импресионирани од активностите на ДНА и Лаура Ковеси. Според една неодамнешна анкета на јавното мислење, 60 отсто рекле дека ѝ веруваат на агенцијата, а само 11 отсто му веруваат на Парламентот, додека на романската црква ѝ веруваат 61 отсто. (Фото:СДК.МК)

    Во Македонија нема релевантно истражување за довербата на граѓаните во СЈО и Катица Јанева. Но, демонстрантите од Шарената револуција секојдневно тргнуваат од пред канцелариите на тимот на Катица Јанева. Многумина носат маички и постери со ликот на Фатиме Фетаи, обвинителка на СЈО, стилизирани маички по урнек на „Чарлиевите ангели“, симболизирајќи ја тројката Катица, Ленче и Фетаи, печатат беџови и транспаренти со повикот „Но пасаран!“, со кој Фетаи го предизвика претседателот Ѓорге Иванов откако помилува 56 политичари за да ја минира работата на специјалното обвинитрелство.

    И Катица и Лаура се соочуваат од една страна со обожување, а од друга страна со напади и од медиуми и од политичари.

    Откако покренала обвинение против премиерот Виктор Понта, тој ја нападна Ковеси на својата Фејсбук страна и рече дека единствениот проблем на Романија е „опсесијата на една тотално непрофесионална обвинителка која се обидува да се прослави со измислување факти и невистинити ситуации од пред 10 години“.

    По објавувањето на случајот ТНТ за уривањето на Космос, премиерот Никола Груевски, на 21 април година се јави со соопштение: „Жално е што СЈО наместо професионална и независна институција каква што сите граѓани очекуваа, се претвори во партиски инструмент на СДСМ”.

    Лаура Ковеси во изјава за лондонски „Гардијан“ рекла дека најголемиот предизвик за обвинителите доаѓа од политичарите: „Секои две недели тие поднесуваат нови закони во обид да ги променат или надополнат постоечките закони. Се обидуваат да ги ограничат нашите можности за истраги. Се обидуваат да го променат кривичниот закон. Се обидуваат да ни ги одземат средствата за да ни ги ограничат можностите за истрага. Најчудно е што никогаш не се обиделе да ги подобрат законите за да ни помогнат што повеќе“, вели Ковеси.

    Со исти пречки се соочува и Катица Јанева. Таа на 1 април оваа година до Собранието поднесе барање да се донесат измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Собранието се распушти шест дена подоцна и ги остави заштитените сведоци незаштитени. Извор на САКАМДАКАЖАМ.МК пред неколку дена откри дека да имало Специјалното обвинителство закон за заштита на сведоци, ќе го вметнело сега починатиот Коста Крпач во програмата за заштита на сведоци. Без закон за заштита на сведоците, СЈО ги нотира сите притисоци и закани врз сведоците во постапките што ги води, по име и презиме на нарачатели и извршители, а тие сведоци, велат извори од обезбедувањето, се чуваат на друг начин. Еден од тие сведоци кој пријавил закани бил и Коста Крпач, кој во средата беше најден мртов со прострелна рана во градите во неговиот стан во скопската централна населба Капиштец.

    Критичарите на Ковеси, особено медиумската група контролирана од Дан Војкулеску, политички и бизнис барон осуден во 2014 на 10 години затвор за корупција, водат немилосрдна кампања за да го оцрнат нејзиното име и агенцијата.  „Журналул национал“, весник под контрола на Војкулеску, ја нарече Ковеси романски сталинистички обвинител, а друг од неговите медиуми, Антена 3 ТВ ја спореди со Хитлер и со Сталин и ја обвини дека зема пари од мафијаши. Иако вели дека е добра со новинарите, сепак, таа поднела тужба за клевета против Антена 3, поради текстот дека зела пари од мафијаш и наводите за нејзиниот приватен живот како немажена, разведена жена.

    Katica i Laura

    Никогаш не се откажувај! Направи го тоа за твојата држава и за твоите сограѓани, без оглед на пречките со кои ќе се соочиш и кои допрва ќе ти ги поставуваат, порача романската специјална обвинителка на средбата со колешката Катица Јанева на 21 март годинава во просториите на СЈО (Фото:СДК.МК)

    Катица Јанева иако е напаѓана од многу медиуми кои се под контрола на власта барем до сега нема објавено дека поднела тужба за клевета. Сепак, по случајот со смртта на сведокот Коста Крпач, СЈО излезе со соопштение во кое укажа „на одредени медиуми да се воздржат од објавувањето на тенденциозни натписи и непроверени информации, кои не само што фрлаат невистинито светло на настаните, туку истите се на штета на утврдување на вистината и задоволување на правдата“.

    Лаура Ковеси за „Њујорк тајмс“ изјавила дека се навикнала на клеветите и оти најнегативните напади, најклеветничките изјави доаѓаат од луѓето кои се под истрага од ДНА. Таа за весникот кажала дека „романскиот парламент постојано се обидува да ги ограничи антикорупциските напори, а пратениците се жалат дека тие се под истрага од политички причини, и предлагаат закон за амнестија“.

    На предлогот за амнестија Лаура Ковеси се противи остро. Исто како и Катица Јанева што реагираше на аболицијата на претседателот Иванов. На обвинувањата на претседателот дека нејзиното обвинителство е злоупотребено за добивање политички поени таа за Фајненшел тајмс одговари: „Не обрнувам внимание на тие забелешки. Си ја вршам својата работа“.

    И Лаура и Катица водат сосема нормален живот. Романката е висока поранешна кошаркарка која редовно вежба близу нејзиниот дом во Букурешт. „Имам многу нормален живот. Одам во кино, во теретана“, му се поверила Ковеси на репортерот на „Гардијан“.

    Катица Јанева побара одложување на рочиштето за „Пуч“, по Велигден затоа што била зафатена со свадбата на ќерката. Некои медиуми пробаа да играат мајтап и со тоа, но Јанева мува не ја полази. Жената што Фајненшал тајмс ја спореди со камшик за корумпираната елита е жена што во секојдневниот контакт не ги крие чувствата. Така беше и пред Нова година, кога во еден неврзан муабет во еден ресторан во скопско Дебар Маало се повери дека за неа доаѓаат најтешките денови во годината затоа што тогаш се сеќава на прераната смрт на нејзиниот сопруг.

    Иако Лаура Ковеси одбива деноноќно обезбедување, таа е под под надзор на државната  службата за заштита на функционери. Во Скопје цело време во близина беше едно момче, но во целосна дискреција. Да не бев новинар немаше ни да го забележам неговото присуство додека вечеравме во Старата Чаршија.

    За обезбедувањето на Катица Јанева многу малку се знае и речиси никој не пишува.

    Но и едната и другата секојдневно се среќаваат со обични луѓе. Лаура за „Њујорк тајмс“ изјавила „Секогаш кога одам на пазар, во продавница или на кино, среќавам пријателски луѓе кои ми честитаат и ме охрабруваат за  работата што ја работиме. Не секој во Романија се оддава на корупција“.

    Маичка со ликот на обвинителката Фатиме Фетаи (Фото:СДК.МК)

    Маичка со ликот на обвинителката Фатиме Фетаи (Фото:СДК.МК)

    Катица Јанева на последната прес конференција им се заблагодари на граѓаните што секој ден ги почнуваат протестите против аболицијата токму под прозорецот на нејзината канцеларија. Репорерот на Фајненшел тајмс за време на посетата на Скопје го нотираше и моментот кога две тинејџерки притрчале кон неа пред едно кафуле и и побарале автограм. „Таа е како Бијонсе во оваа земја“, забележал репортерот, а Катица му се доверила дека сака музички емисии и нејзин омилен филм и е „Девојки од соништата“, со Бијонсе.

    Романската обвинителката Ковеси во својот тригодишен мандат покрена истраги против илјадници високи функционери, од кои еден експремиер, Адријан Настасе заврши в затвор. Лани покрена истрага и против премиерот Виктор Понта додека тој сѐ уште беше на функција и даде налог за замрзнување на неговиот имот, по што беше покренато обвинение.

    Само во 2015, Ковеси има покренато 1.250 обвиненија за корупција на високо и средно ниво против државни функционери, меѓу кои се и десетици градоначалници, пратеници, и стотици поранешни судии и обвинители. Во 90 отсто случаи покренатите обвиненија завршуваат и со судска пресуда.

    „Мислам дека активностите на ДНА навистина го променија менталитетот на романските граѓани. Тие сега се свесни дека не мора да плаќаат мито за да си ги остварат правата“, вели Ковеси.

    Сепак, таа признава дека ја запрепастува фактот што општата јавност, без оглед на искажаната осуда за корупцијата, продолжува да гласа за политичари осомничени или дури и осудени за грабеж. „Многу е тешко да се објасни овој контраст“, вели Ковеси.

    Кај нас се уште немало избори откако е формирано Специјалното обвинителство.

    Горан Михајловски

    Фотографии: СДК.МК

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира