ЌЕ ДОКАЖЕМЕ ДЕКА ИГОР ЈУГ ИМАЛ ЗАДАЧА ДА ГО ЛИКВИДИРА ЗОРАН ЗАЕВ, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ

    ЌЕ ДОКАЖЕМЕ ДЕКА ИГОР ЈУГ ИМАЛ ЗАДАЧА ДА ГО ЛИКВИДИРА ЗОРАН ЗАЕВ, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛМитко Чавков бил информиран за сите настани и тоа ќе го докажеме, рече обвинителката Вилма Русковска (Фото: К. Попов)

    Нападот на Собранието на 27 април не беше спонтан напад од емоции, туку испланиран од страна на обвинетите. Секој од обвинетите имал своја задача во нападот, тоа ќе го докажаме во текот на постапката, а ќе посочам дека Игор Југ имал задача да го ликвидира Зоран Зоран, кажа обвинителката Вилма Русковска во воведното обраќање, образложувајќи го обвинението против 33 лица обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    „Според исказите на многу од сведоците, обвинетиот Игор Југ имал задача физички да го ликвидира Зоран Заев. Доказите ќе прикажат насилство, опасност по живот, крвопролевање, со цел чувство на страв и несигурност кај граѓаните и загрозување на уставниот поредок на државата”, заврши обвинителката Вилма Русковска.

    Според обвинението, Александар  Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо заедно го планирале насилниот упад и го координирале сметајќи на поддршката на другите обвинети.

    Обвинетите пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги креваат гредите и ја отвраат вратата на Собранието за да влезе толпата, рече обвинителката (Фото: К. Попов)

    „Луѓето од МВР задолжени за ред, мир и безбедност се ставиле во улога на заштитници на напаѓачите. Во време на максимална нарушеност на безбедноста на Собранието, судот ќе се увери во намерното одолговлекување на издавање наредба за ангажирање дополнителни полициски сили“, рече Русковска.

    Обвинителката кажа дека улогата на пратениците биле да ја пуштат толпата во Собранието, а на водачите на здружението „За заедничка Македонија“ да ја поведуваат масата кон Собранието со нивните потпалувачки говори.

    Додека обвинетелката Русковска го читаше обвинението, на телевизорите во судницата се прикажуваа слики од нападот, повредените пратеници, раскрвавената глава на Зоран Заев како и шема како се сите обвинети поврзани. На ова реагираа адвокатите на одбраната, барајќи да не се прикажуваат сликите и шемата оти не биле приложени како докази. Ова барање судијката Добрила Кацарска го прифати, иако им рече дека сликите се веќе добро познати на јавноста.

    „Во 14.37 часот Благоја Василевски, телохранител на Никола Груевски, се јавува на неговиот брат Александар Василевски-Нинџа наводно да праша за здравјето на мајка им. По овој повик, почнуваат телефонски јавувања на Нинџа и Кољо“, рече Русковска.

    Останатите пратеници Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски им даваат поддршка на Крсто и на Сашо, рече обвинителката (Фото: К. Попов)

    Како што стои во обвинението, групата од 68 лица предводена од Нинџа и Кољо се собирала во ресторанот „Дион“ на Кејот 13 Ноември. Додека се во ресторанот во два наврати обвинетите Никола Митревски-Кољо, Стефан Младеновски и Филип Спасовски купуваат 69 фантомки.

    „Во 17.30 часот почнува протестот, толпата се упатува кон Собранието. Таму пак, пратеникот Зекирија Ибраими од говорница ја пее албанската химна, а пратениците кои ја бранеа државата од т.н  Тиранска платформа не прават ништо, а претседавачот Трајко Вељановски не го исклучува микрофонот. Масата е пред Собрание и слуша како се пее албанската химна. Обвинетите од здружението ‘За заедничка Македонија’ им се обраќаат на насобраните. Борис Дамовски им вели: ‘Денес се пееше албанската химна во Собранието. Ова е окупација, мораме да го одбраниме Собранието’. С е надевам дека во оваа судска постапка ќе дознаеме кој тоа го окупирал Собранието и од кого требало са се одбрани” , рече во претставување на обвинението Русковска.

    Таа продолжи со објаснување на самото насилно влегување на толпата во Собранието.

    „По ова, масата ја прескокнува заштитната ограда пред Собранието. Втрчуваат лицата од ‘Дион’ во ГТЦ со маски на главите.  Не можат да ги отворат собраниските врати. Обвинетите пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги креваат гредите.  Единствен што се обидел да ги спречи е сведокот од собраниско обезбедување Владимир Стојков. Останатите пратеници Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски им даваат поддршка на Крсто и на Сашо. Во пленарната сала влегува обвинетиот Игор Дурловски и со говори дополнително ја распалува толпата“, рече Русковска и праша:„Што прави полицијата за ова време? – Ништо”.

    Сведоци од МВР тврделе дека имале (непостоечка) наредба за т. н. пасивна употреба на сила.

    Митко Чавков бил информиран за сите настани и тоа ќе го докажеме, рече Русковска.

    „Сите ги добивале на мобилен, само на министерот за внатрешни Агим Нухиу не му кревал телефон. Официјално, бил надвор од МВР, пишувал докторат. Сребрената команда, началникот Митко Пешов си бил во Кавадарци, а толпата веќе влегла внатре во Собранието и известен бил од сведокот дека веќе ги има првите повредени. Сведокот, министерот Нухиу во оваа ситуација отишол во оперативниот штаб. Таму го нашол дежурниот началник Душко Лазаров и по член 20 од упатството за златна, сребрена и бронзена команда, му дава усна наредба на Лазаров да се ангажираат итно специјалните сили и да се извлечат од Собранието пратениците и сите на кои им е загрозен животот. Дежурниот Лазаров не презема ништо по усната наредба на министерот и за тоа ќе чуете од сведокот Агим Нухиу“, рече Русковска.

    „Откако обвинетиот Абдулфета Алими му ги дава клучевите од средната собраниска врата на Горан Ѓошевски, началникот на обезбедувањето на претседавачот Трајко Вељаноски, влегуваат Никола Митревски-Кољо и дружината маскирани и одат нагоре. Ги пречекуваат Елена Коцевска-Бошковска од кабинетот на Вељаноски и Иван Цветановски, обвинети. Си поминуваат покрај вратата на Трајко Вељаноски, одат до стаклената, ја крши Кољо со нога додека Ѓошевски ја отвора со картичка и одат кон прес-салата. Ќе докажеме дека Ѓошевски е цело време во комуникација со Чавков“, рече Русковска и продолжи?

    „На местото каде веќе има насилно влезена толпа се испречува шефот на обезбедувањето на целото Собрание, Александар Јанковиќ. Кољо го повредува, Јанковиќ бара лекарска помош. Двајцата обвинети од УБК ги земаат двата хард диска од мониторинг собата со снимките од насилствата. Ѓошевски на надлежната за клучевите ѝ рекол дека мора да ја отвори собата, по наредба на Митко Чавков. Обвинетите ја насочуваат масата физички да се пресмета со пратениците и другите оштетени. Има видеоснимки како доказ“,  рече Русковска во воведните зборови за организираниот напад на Собранието на 27 април.

    Првото рочиште е во тек, а следуваат воведни говори на сите адвокати на сите 33 обвинети.

    А. АНТЕВСКА – С.К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари