ЌЕ ГИ ПОЧИТУВАМЕ ПРЕПОРАКИТЕ НА ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, НО ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ НЕМА ДА СЕ МЕНУВА, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ

    ЌЕ ГИ ПОЧИТУВАМЕ ПРЕПОРАКИТЕ НА ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, НО ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ НЕМА ДА СЕ МЕНУВА, КАЖА БУЈАР ОСМАНИОсмани кажа дека Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици се документи кои се иреверзибилни и кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени.(Фото: Влада)

    Препораките на Венецијанската комисија ќе ги почитуваме, но Законот за употреба на јазиците нема да се менува, кажа денеска вицепремиерот Бујар Османи.

    Откако на 6 декември Венецијанската комисија препорача да се преиспита Законот за употреба на јазиците и да се откаже од примената на двојазичноста во судските постапки, Османи денеска изјави дека нема потреба од менување на Законот туку треба да се донесат акциони планови преку кои ќе се создадат капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството.

    „Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста, поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава“ рече вицепремиерот Бујар Османи одговорајќи на новинарско прашање, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ Инфоцентарот.

    Османи кажа дека Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици се документи кои се иреверзибилни и кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени.

    Османи смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери ДУИ и СДСМ за ова прашање.

    „Мислам дека слични се ставовите. Ако ја слушнавте последната изјава на премиерот Заев и на вицепремиерката Шекеринска, слични се со нашите ставови дека нема да има отворање на прашањето на јазикот, како што нема да има отворање на прашањето на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија, и на јазикот ќе биде исто“, кажа Османи.

    Според мислењето на Венецијанската комисија, новиот закон оди предалеку, наметнувајќи им нереални правни обврски на јавните институции, посебно со употребата на албанскиот јазик во правните процедури, комбинирано со тешките казни за непочитување на законот и можноста за враќање на почеток на судски постапки поради недостиг на превод.

    Според мислењето, ваквиот пристап може значително да го забави функционирањето на целокупното правосудство, ризикувајќи сериозни прекршувања на правото на фер судење, гарантирано со Европската конвенција за човекови права.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари