ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ВЛАДИНИТЕ ОДЛУКИ ЗА НАСТАВА, ВЕЛАТ ЦАРОВСКА И ФИЛИПЧЕ

    ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ВЛАДИНИТЕ ОДЛУКИ ЗА НАСТАВА, ВЕЛАТ ЦАРОВСКА И ФИЛИПЧЕ„Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни“, велат од Министерството за здравство; - Од почетокот новата учебна година во училиште во скопската населба Карпош. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Здравствените и образовните власти во земјава апелираат училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата, откако беа најавени бојкоти на онлајн наставата низ земјава.

    Министерката за образование и наука Мила Царовска денес кажа дека Гимназијата „28 Ноември“ од Дебар нема да почне со настава со физичко присуство и ќе ја почитува одлуката на Комисијата за заразни болести за одржување на онлајн настава, откако вчера директорот Рамадан Имери најави дека од понеделникот ќе почнат со физичка настава.

    Одговорајќи денеска на новинарско прашање пред Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, дали има можности за санкционирање за вакви однесувања, таа рече:

    „Секако дека има можности за санкционирање согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на заштита на јавното здравје. Јас разговарав со градоначалникот на Дебар, тој ми рече дека станува збор за поедин став на директорот и ми потврди дека нема да се случи прием на ученици“.

    На прашањето дали ќе мора да се одработуваат часови поради бојкотот на наставата, Царовска рече дека нема никаде целосен бојкот, туку е бојкот на поедени ученици, и доколку се појават недостатоци, ќе се договорат со Бирото за развој на образованието дали да се надоместат во текот на летото.

    „Најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со коронакризата. Сите одлуки кои ги носи комисијата се во интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни“, велат од Министерството за здравство.

    Министерката Царовска вчера изјави дека најавувањето бојкот или нарушување на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на оваа криза во нашата држава.

    „Секој од нас е одговорен за јавното здравје и правото на здравје. Ако некој директно и свесно го загрозува здравјето на другиот, тогаш имаме прекршување на закон и на Устав. Затоа ги повикувам сите наши граѓани, сите родители, наставници и ученици, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија“, рече Царовска.

    В понеделник почнува сместувањето на студентите во студентските домови според протоколи и намален капацитет. Секоја соба каде што има две легла ќе се смести само еден студент, а онаму каде што има четири легла ќе сместуваат максимум двaјца студенти. Ќе се забрани користењето на заедничките простории, а мензите ќе функционираат така што масите ќе бидат одвоени на два метри, а на секоја маса за четворица ќе можат да седат максимум двајца студенти. На влезовите од домовите ќе има средства за дезинфекција.

    Царовска рече дека во студентските домови каде капацитетот е 2.080 лица, примени се 1.614 студенти, што значи дека има можност да се примат дополнително.

    Во ученичките домови примени се 1.193 ученици, а има слободни места за уште 1.058, а 73 кои што се од Битола и од Струмица ќе добијат можност да се сместат во приватно сместување или да патуваат до дома, согласно новите законски измени. Во другите ученички домови има слободни 160 места.

    Царовска ги повика студентите до 10 октомври да аплицираат за еднократка финансиска помош од 6.000 денари за уплата при запишување семестар, сместување во студентски дом или приватно сместување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира