ЌЕ МУ КАЖАМ НА ЦЕЛИОТ СВЕТ ДЕКА СИТЕ СМЕ ЕДНАКВИ, ВЕЛИ 11-ГОДИШНИОТ ЈАНЕ ВЕЛКОВСКИ КОЈ ЌЕ ГОВОРИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    ЌЕ МУ КАЖАМ НА ЦЕЛИОТ СВЕТ ДЕКА СИТЕ СМЕ ЕДНАКВИ, ВЕЛИ 11-ГОДИШНИОТ ЈАНЕ ВЕЛКОВСКИ КОЈ ЌЕ ГОВОРИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИЈане и останатите деца и младинци кои ќе учествуваат на Самитот во Обединетите нации во Њујорк ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.(Фото: Ѓ. Личовски)

    11-годишниот Јане Велковски од Скопје, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА) ќе говори на овогодинешниот Самит на УНИЦЕФ во Обединетите нации во Њујорк. Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето, кој се поклопува со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.

    Јане и останатите деца и младинци кои ќе учествуваат на Самитот во Њујорк ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.

    „Навистина сум многу возбуден, затоа што ова е огромен настан. Но, истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот,“ рече Јане Велковски.

    Јане ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добра волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел дискусијата „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.

    „Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека, како и секое дете, децата со попреченост со себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари