Судскиот совет уште не ѝ пратил покана на претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова за седницата в среда, на која, како што соопшти, зад затворени врати ќе врши вонредно оценување на кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, Владимир Туфегџиќ и Иван Џолев, но и на Неделкова, која е кандидат за втор претседателски мандат на највисокиот суд.
Неделкова е член на Судскиот совет и по закон таа учествува во работата и во одлучувањето на Советот.
“Судскиот совет уште не ме поканил. Ако повторно не примам покана за седница на Судскиот совет, јас таму ќе се нацртам в среда, бидејќи прочитав дека ќе има. Како што видов на веб-страната на Судскиот совет, темите за расправа се мошне интересни“, изјави Неделкова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Таа вели дека за време на нејзиното 4-годишно членување во Судскиот совет немало вонредно оценување на кандидати за претседатели на судови, што уште повеќе ја прави оваа седница интересна за неа.
На прашањето кога другпат Судскиот совет скришно од неа одржал седница, таа како пример ја наведе онаа на седми октомври, кога решавал по некој приговор, а вели често седници биле темпирани и закажувани кога таа претходно ќе најавела дека е на службен пат.
Во Врховниот суд, каде покрај Неделкова, како кандидати за претседател на Судот се пријавени уште и врховните судии Беса Адеми, Јово Вангеловски и Снежана Бајлозова, велат дека нив не може никој да ги оценува во Судскиот совет, бидејќи функцијата на овој суд е поинаква од останатите судови во судскиот систем, одлуките на врховните судии се конечни, а нивната работа според законот е неспоредлива со работата на основните, апелационите, управниот и вишиот управен суд.
“Оваа вонредна седница е само со една цел. Како да се поправи ситуацијата со слабата оценка на сегашниот претседател Владимир Панчевски. На него последната оценка му е тројка. Таа оценка е од 2014, бидејќи во 2015 немаше оценување. Немаше, бидејќи се донесе законска измена оценувањето на судиите да биде не секоја, туку на две години. Во 2015, со судиите што се избраа во Основниот суд Скопје 1 и со бројните вработувања во судската администрација во Кривичниот суд, судот беше оценет како ажурен. Бидејќи на Панчевски му стои последна оценка тројка, сега се бара начин како со ажурноста на Судот, тројката да му се амортизира“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК судии потпишани на претставката против Панчевски, која е во процедура во Советот за утврдување факти за разрешување на судија.
Врховните судии, поради природата на работата, немаат оценки, бидејќи нив нема кој да ги оценува. Но, во 2015, поради тоа што таму фалеа судии, овој суд беше неажурен. Сите апели, барања, јавни обраќања и писма од Неделкова итно да се изберат најмалку шест врховни судии во Врховниот суд, зашто како што рече тогаш таа, се доведуваше во прашање ажурноста на Судот, останаа во папката на претходниот претседател Бранко Ушковски и Врховниот суд навистина таа година имаше заостанати предмети.
“Со ова оружје Судскиот совет во среда ќе се обиде да ја дисквалификува Неделкова“, прогнозираат судиите со кои разговаравме.
Една од точките за кои ќе се расправа зад затворени врати на истата седница, според најавата, ќе бидат и состојбите во Основен суд Скопје 1 Скопје. Попрецизно, ќе се дискутира за кривичните пријави што меѓусебно до обвинителството си ги поднесоа Џолев и Панчевски, како и за претставките за разрешување што ги покренаа еден против друг пред Советот за утврдување факти и пред Судскиот совет. Централно место ќе има претставката од 15-темина судии од Основниот суд Скопје 1 против претседателот Панчевски, за злоупотреба на официјалната веб-страна на Кривичниот суд за приватни цели, во случајот, според нив, за пресметка со судијата Џолев.
Според нашите информации, наводното местење на предмети кај судии со менувањето на Годишниот распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 за 2016 од претседателот Панчевски, в среда нема ни да се спомне. Минатата недела, Панчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК призна дека Татјана Михајлова, судијката што треба да го суди експремиерот Никола Груевски за насилствата во општина Центар и за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, не била случајно распоредена да го добие овој предмет. Панчевски рече дека Судскиот деловник дозволува во текот на годината, ако се јави потреба од прераспределба на предмети поради зголемен обем на работа и други причини содржани во деловникот, претседателот на судот да носи измени и дополнување на годишниот распоред.
“За да се истражат сомневањата за вклучи-исклучи на АКМИС – системот во Кривичниот суд, преку кој се врши електронска распределба на предметите кај судиите, потребно е да влезе обвинител со судска наредба. Судскиот совет и да сака, такво нешто не може да фати кај ниту еден претседател на суд“, тврдат судии во Кривичниот суд.
Соња К. ДЕЛЕВСКА