ЌЕ НАСТОЈУВАМЕ ЗА ВРЕМЕ НА ГЕРМАНСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО ДА ГИ ОТВОРИТЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, МУ НАПИША РИКЕР НА ЗАЕВ

    ЌЕ НАСТОЈУВАМЕ ЗА ВРЕМЕ НА ГЕРМАНСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО ДА ГИ ОТВОРИТЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, МУ НАПИША РИКЕР НА ЗАЕВ„Ве охрабруваме и вас, и земјите членки на ЕУ, да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговоритe, се вели во писмото; - Заев и Рикер на прес-конференцијата во Владата лани на 26 јули. (Фото: СДК.МК)

    Заедно со нашите европски партнери ќе продолжиме да настојуваме да се одржи Меѓувладината конференција со Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ, му напиша помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер на премиерот Зоран Заев. Тој го повтори ставот на САД дека решение за билатералните прашања треба да се бара надвор од процесот за интеграција на Македонија во ЕУ.

    Во писмото Рикер вели дека се разочарани што земјите членки на Европската унија не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите  и додава дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени во поддршката на Северна Македонија за нејзините интеграции кон ЕУ.

    „Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, стои во писмото на Рикер до Заев.

    Германското претседателство завршува на 1 јануари 2021.

    Рикер вели дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот, а Северна Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји. Тоа како што вели Рикер е докажано со постигнувањето на историскиот договор од Преспа и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година.

    „Ве охрабруваме и вас, и земјите членки на ЕУ, да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Северна Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

    Рикер вели дека САД остануваат стратешки партнери на земјава и оптимисти дека меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ, ќе се одржи наскоро.

    Бугарија на 17 ноември стави вето на преговарачката рамка за Македонија на состанокот на Советот за општи работи на Европската унија (ГАК). За да почнат пристапните преговори со ЕУ, сите 27 земји мора да се согласат за содржината на преговарачката рамка.

    Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева тогаш кажа дека Бугарија не ја одобрила рамката за Македонија затоа што не ги одразува бугарските барања, вклучувајќи ги оние за македонскиот јазик и македонското малцинство. Таа кажа дека не е постигнат забележителен напредок при исполнувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година.

    „Ние имаме три основни услови – придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, распоред на активности како ќе се исполнува договорот, како и дека нема да поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови сè уште не се вклучени во преговарачката рамка“, кажа Захариева и додаде дека за одблокирање на процесот се потребни компромиси од двете страни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира