ЌЕ СЕ ПРАВИ НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА РЕСТАВРАЦИЈА И ОДРЖУВАЊЕ НА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈАТА ОД НОБ, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    ЌЕ СЕ ПРАВИ НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА РЕСТАВРАЦИЈА И ОДРЖУВАЊЕ НА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈАТА ОД НОБ, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАНикој не ја одржува Спомен-костуницата, паметникот кој сведочи дека тука лежат коските на над 300 борци од Кумановско, кои загинаа за слободна Македонија токму во борба со фашистичкиот окупатор од Втората светска војна. (Фото: СДК.МК)

    За 2023 година, Министерството за култура подготвува еден вид национална стратегија во која четири национални институции ќе добијат финансиски средства за реставрација, освежување и секаков вид поправки на спомениците од Народноослободителната борба и војната против фашизмот (НОБ). Ова го најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција, на прашање што ќе се стори за заштита на спомен-обележја во државата од НОБ кои се распаѓаат.

    „Ги исчитав сите реакции во однос на Спомен- костурницата во Куманово и училиштето во Подвис. Не дека на нив не се работи, секој споменик е во надлежност на соодветен Завод и музеј кој преку својата годишна програма добива соодветни средства и понатаму ги реконструира или работи секакви зафати за да се реконструираат и да не бидат во ваква состојба во која што се. Ние решивме дека во 2023 година ќе започнеме со еден вид национална стреатегија, каде ќе поделиме надлежност на четири музеи кои ќе добијат пари од годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес и кои ќе бидат фокусирани строго на овие спомен-обележја од периодот на НОБ“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

    Таа додаде дека овие спомен-обележја се од наш најголем национален интерес, па затоа инстутуциите ќе бидат избрани по географска местоположба и ќе добиваат пари за реставрација, реконструкција и освежување и секаков вид поправка што му треба на секое спомен-облежје и споменик од НОБ, затоа  што тие тоа го заслужуваат.

    На Денот на народното востание, 11 Октомври, САКАМДАКАЖАМ.МК објави репортажи дека се распаѓа Спомен-костурницата во Куманово каде беше централната прослава за празникот, а исто така и училиштето во кичевското село Подвис каде во 1943 година се одржа првиот наставен час на македонски јазик. Спомен-костурницата е паметник кој сведочи дека тука лежат коските на над 300 борци од Кумановско, кои загинаа за слободна Македонија токму во борба со фашистичкиот окупатор од Втората светска војна.  Во лоша состојба се и петте спомен-куќи од антифашистичката Народно-ослободителна борба (НОБ) во историското село Горно Врановци, Велешко. Во Гроно Врановски од средината на септември до крајот на ноември 1944 година се наоѓала извршната и законодавна власт на тогашната Федерална Демократска Македонија, Президиудмот на НОВ, ЦК на КПМ, главниот штаб на НОБ, раководството на ОЗНА и печатницата „Гоце Делчев“ каде е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира