ЌЕ СЕ ТЕСТИРАМЕ НА КОВИД-19 КОГА ЌЕ КАЖАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ, ВЕЛАТ СПАСОВСКИ И ФИЛИПЧЕ КОИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА

    ЌЕ СЕ ТЕСТИРАМЕ НА КОВИД-19 КОГА ЌЕ КАЖАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ, ВЕЛАТ СПАСОВСКИ И ФИЛИПЧЕ КОИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈАОд утре се намалува времетраењето на полицискиот час и наместо од 16 часот, ќе почнува од 19 и ќе трае до 5 часот. (Фото: К. Попов)

    Сѐ уште не се тестирани за коронавирус премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми , кои од 16 април се во изолација. Тие се во изолација  откако претходниот ден беа на состанок со Кризниот штаб во Куманово, и подоцна се објави дека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е позитивен на КОВИД-19.

    Филипче на редовната прес-конференција, на новинарско прашање  кажа дека се чека препорака од епидемиолозите и дека треба да поминат најмалку 7 дена за периодот на инкубација и да се појават симптоми, и дека согласно тоа ќе се направат тестирања.

    „Секако дека ќе се тестирам, тогаш кога ќе кажат надлежните органи, и тоа очекувам да се случи во наредните денови“, кажа Спасовски.

    Кардиологот Игор Балевски од Универзитетскиот Клинички центар Марибор од денеска ќе волонтира на Инфективната клиника во Скопје, кажа Филипче. Според него, станува збор за исклучителен доктор кој земал отсуство од Словенија и се понудил да волонтира во наредните две недели.

    На Клиниката за онкологија се потврдени осум заразени медицински лица, тројца доктори, две медицински сестри и двајца болничари, а дваесет лица кои биле во контакт со нив се во изолација. Таму не недостасува некој оддел и до петок ќе биде направен распоред за делење на терапијата.

    Нема нови случаи на потврдени заболени на Детската клиника, освен веќе потврдените лаборант, медицинската сестра и докторката од имунологија, а во самоизолација се 26 лица.

    Министерот, исто како и Инфективната клиника, ја демантираше реакцијата на мајката на 4-месечното бебе од Кочани, кое е заболено од коронавирус и е хоспитализирано таму.

    „Во целост ги демантираме наводите на мајката со 4-месечното бебе која тврди дека ‘лежат во болница и ниту еден доктор за тоа време не дошол да им ги каже резултатите од тестовите за КОВИД-19. Појаснуваме дека на мајката во повеќе наврати ѝ е објаснета здравствената состојба на детето како и потребата за земање два последователни бриса. Детето секој ден редовно се прегледува и најмалку 3 пати влегува дежурна лекарска служба. На мајката ѝ се обезбедуваат сите расположливи услови, од бокал за греење на вода, козметика за бебето, снабдување со вода и други продукти кои ги добива Инфективната клиника како донација. Детето е интензивно контролирано по препорака од педијатар и покрај добрата клиничка слика“, велат од Клиниката  и додаваат дека денеска нема да бидат испишани од болницата, не поради детето, чии брисеви се негативни и комплетирани, туку поради очекување на резултатот на брисот од мајката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира