КОРУПЦИЈА КАДЕ БИЛО Е ЗАКАНА ЗА НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ НА САД И СОЈУЗНИЦИТЕ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР БЛИНКЕН ЗА НАРЕДБАТА НА БАЈДЕН ЗА САНКЦИИ ЗА ЛИЦА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

    КОРУПЦИЈА КАДЕ БИЛО Е ЗАКАНА ЗА НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ НА САД И СОЈУЗНИЦИТЕ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР БЛИНКЕН ЗА НАРЕДБАТА НА БАЈДЕН ЗА САНКЦИИ ЗА ЛИЦА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАНЗа додавањето лица кои работат против Договорот од Преспа во режимот на санкции на САД, Блинкен вели дека станува збор за надоградување на претходни Извршни наредби од претходници на Бајден. (Фото: Твитер/Ентони Блинкен)

    Државниот секретар на САД Ентони Блинкен кажа дека корупцијата каде било директно ги загрозува надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и нивните партнери и сојузници, коментирајќи ја Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден за проширување на опсегот на санкциите против лица од Западен Балкан.

    „САД се посветени на осигурувањето на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, овозможувајќи им на земјите од регионот да го исполнат нивниот потенцијал како слободни и просперитетни демократии. Ние исто така сме посветени на борба против корупција и демонстрирање на предностите на транспарентно и одговорно владеење. САД препознава дека корупцијата ги загрозува економската еднаквост, глобалните напори за развој и борба против сиромаштијата, како и самата демократија. Корупцијата каде било директно им наштетува на надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и нашите партнери и сојузници. Затоа сме посветени на промоција на одговорност и борба против неказнивоста за оние кои се вклучени во значителна корупција на Западен Балкан и ширум светот“, вели Блинкен во соопштението објавено од Стејт Департментот.

    За додавањето лица кои работат против Договорот од Преспа во режимот на санкции на САД, Блинкен вели дека станува збор за надоградување на претходни Извршни наредби од претходници на Бајден.

    „Како надополнување на оваа обврска, претседателот Бајден издаде Извршна наредба која што ги надоградува претходните Извршни наредби, модернизирајќи го режимот на санкции, вклучувајќи референци на Договорот од Преспа од 2018 година и Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (наследник на функциите на Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија). Дополнително, новата Извршна наредба обезбедува можност за санкции против лица чии дејствија го дестабилизираат регионот со поткопување на демократските институции и владеењето на правото или со нарушување на човековите права. За најдобро да се адресираат регионалните мрежи на корупција, Албанија е додадена во опсегот на Извршната наредба“, вели државниот секретар на САД.

    Блинкен зборува и за последиците по лицата кои ќе бидат санкционирани како последица на оваа Извршна наредба, а вели и дека САД ќе продолжат да промовираат демократија, транспарентност и одговорност во регионот на Западен Балкан.

    „Извршната наредба исто така дава овластување за наметнување санкции на индивидуи и организации одговорни за корупција во регионот, вклучувајќи злоупотреба на јавни фондови, експропријација на приватен имот за лична корист или за политички цели, или поткуп. Целиот имот и интересите во имот на лица означени во врска со оваа Извршна наредба, кои се во САД или во посед или под контрола на американски граѓани ќе бидат замрзнати, а на американските граѓани генерално им е забрането да имаат какви било трансакции со нив. Дополнително, индивидуите санкционирани со оваа Извршна наредба, немаат право на влез во САД, ниту на американска виза. Нашата посветеност на промовирање демократија, транспарентност и одговорност, ширум Западниот Балкан е непоколеблива и конзистентна со стандардите кои што земјите од регионот мора да ги исполнат за да ги остварат нивните цели за напредување по европскиот пат“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

    Од Белата куќа велат дека секретарот за финансии, во консултација со државниот секретар, ќе продолжи да ја обновува листата со индивидуални субјекти кои подложат на санкции со оваа наредба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира