Премиерот Димитар Ковачевски, поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера имаа заеднички ручек на кој се договарал настапот на изборите и се разговарало за европската иднина на земјата.
„Вчера разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ. Секој од нас можеше да ги сподели искуствата од мандатите што ги имал. Разговаравме како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на изборите, секој низ призмата на искуството што го имал“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали на претстојните парламентарни избори ќе настапат на заедничка листа со ДУИ, тој кажа дека сè уште се прават анализи.
„Сметам дека на државата ѝ треба европска коалиција за сигурна иднина, а не за изолации. ВМРО-ДПМНЕ, за жал, повторно нема концепт што гледа напред. Сите нивни изјави се за некакви сценарија кои не се реални“, додаде Ковачевски.