Општата болница во Куманово нема доволно број болничари и технички персонал, кои ќе работат на одделенијата со ковид болните. Директорката Снежана Захариева завчера поднела барање до Министерството за здравство за итни вработувања на четворица болничари и 4 хигиеничари, а побарала помош од АРМ и Црвен крст.
„Штом ќе добиеме согласност постапката е брза, ќе распишеме оглас и веднаш ќе ги примиме. Јас апелирав и побарав помош од АРМ ако се во можност да ни дадат обучени кадри кои ќе ни помагаат во секојдневното работење. Сѐ уште немаме одговор. Потребна ни е помош од луѓе кои што ќе работат со кислородни боци и манипулација со пациенти. Нашите болничари се малубројни, а потребни ни се на сите одделенија. Тие што ги имаме не се доволни да ја покријат сета работа“, вели директорката Захариева.
Таа кажува дека поради преоптовареноста со работа и секојдневниот стрес кој го доживуваат во работата со тешко болни пациенти, дел од вработените заминуваат во пензија или даваат отказ.
„Се случуваат и непредвидливи работи, луѓе умираат, заминуваат во пензија иако претходно прифатиле дека ќе продолжат со работа. Неодамна отказ си даде еден болничар затоа што му е тешко на работа. И на тој начин ние се осипуваме, а не можеме да направиме екстра вработување ако немаме согласност од надлежните министерства, а тоа долго трае. Ние минатата година, кога го правевме планот за вработување во 2020, не можевме да предвидиме што сѐ ќе се случи и дека ќе ни треба толку кадар“, додава Захариева.
Во Кумановската болница за еден месец починаа двајца доктори специјалисти, хирург и интернист, поради компликации од ковид-19, а околу сто здравствени работници го прележаа вирусот.
Директорката вели дека покрај техничкиот персонал имаат потреба и од повеќе медицински сестри, бидејќи дел работат во специјалистичките амбуланти со пациентите на Мој термин. Затоа, во болницата почнаа да се ангажираат и волонтери кои ги вршат техничките работи, а се пријавиле и две медицински сестри кои ќе волонтираат во Ковид-2 центарот. Од почетокот на неделaта, во Кумановската болница на испомош дојдоа специјализанти од Здравствениот дом во Крива Паланка.
Куманово е коронажариште од почетокот на кризата во земјава. Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане досега се заразени 2.940 граѓани, а 783 се активни. Само во последната недела регистрирани се 420 новозаболени и 15 починати.
С. НИКОЛИЌ