ЛЕКАР ОД КАВАДАРЕЧКАТА ОПШТА БОЛНИЦА ЈА НАПУШТИЛ ИЗОЛАЦИЈАТА ЗА КОРОНАВИРУС И СИ ОДЕЛ НА РАБОТА, ЌЕ БИДЕ КАЗНЕТ 4.500 ЕВРА

    ЛЕКАР ОД КАВАДАРЕЧКАТА ОПШТА БОЛНИЦА ЈА НАПУШТИЛ ИЗОЛАЦИЈАТА ЗА КОРОНАВИРУС И СИ ОДЕЛ НА РАБОТА, ЌЕ БИДЕ КАЗНЕТ 4.500 ЕВРАЦелото семејство на кавадаречкиот лекар требало задолжително да остане дома во изолација, зашто ќерката на 6 март се вратила од Италија, но спротивно на обврската, сите слободно се движеле сосе неа. (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство Кавадарци побара на лекар од Општата болница во Кавадарци судот да му изрече парична казна од 4.500 евра зашто место во изолација заради заштита од коронавирус, тој продолжил да си оди на работа и да лекува пациенти. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци против овој лекар поднесе Предлог за издавање казнен налог за едно лице, за продолжено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

    И покрај упатствата дадени директно од специјалист-епидемиолог да останат целото семејство во домашна изолација од 14 дена поради патувањето на нивната ќерка која на 6 март се вратила од Италија, лекарот во периодот од 10 март до 20 март продолжил да оди на работа во болницата каде е вработен како доктор. На 10 март, заедно со неговата ќерка правеле анализи на Одделот за микробиологија и биле во амбулантата за уво, нос и грло во Кавадарци.

    ОЈО Кавадарци му предложи на Основниот суд во Кавадарци на обвинетиот да му изрече парична казна во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 45 евра во денарска противвредност.

    Обвинителството бара казна од 4.000 евра да плати и кичевчанец кој на 15 март се вратил од Австрија и потпишал изјава за самоизолација. На 17 март полицијата кога го побарала дома, не го нашла.

    Обвинителството на Охрид, пак, за наша државјанка која на 9 март се вратила од Швајцарија, земја исто така со висок ризик од коронавирус, а која не останала во задолжителна изолација, бара од судот да ѝ изрече парична казна од 3.000 евра.

    МВР, заклучно до денеска, до обвинителството поднесе 39 кривични пријави против 47 лица за истото кривично дело по член 206 од Кривичниот законик

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари