ЛЕКАРИТЕ ДОБИЈА ПРОТОКОЛ ЗА УПОТРЕБА НА ЛЕКОТ „ИВЕРМЕКТИН“, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ГО ЗЕМААТ НА СВОЈА РАКА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЛЕКАРИТЕ ДОБИЈА ПРОТОКОЛ ЗА УПОТРЕБА НА ЛЕКОТ „ИВЕРМЕКТИН“, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ГО ЗЕМААТ НА СВОЈА РАКА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕЛекарската комората ќе организира онлајн дискусија со лекарите кои работат во болниците за употребата на лекот. (Фото: Ѓ. Личовски )

    Матичните лекари вчера преку Лекарската комора добија протокол за употреба на лекот „ивермектин“ кај пациенти со ковид-19, откако беше изготвен од стручниот колегиум на Клиниката за пулмологија и алергологија и ковид-19 центрите при интернистичкиот блок, соопшти Министерството за здравство по вчерашните реакции од матичните лекари дека не добиле упатства за лекување.

    Министерството вели дека до крајот на неделата, Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат протоколите, а веќе следната недела Комората ќе организира онлајн дискусија со лекарите кои работат во болниците за употребата на лекот.

    „’Ивермектинот’ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на Фондот за здравствено осигрување. Согласно решението на Агенцијата за лекови МАЛМЕД, истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт“, повторува Министерството.

    На социјалните мрежи вчера се појавија секакви реакции дека воопшто го нема лекот во аптеките, некои укажуваа и во кои конретни аптеки го има,  па  министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на монтажната болница во Кичево повтори дека лекот го има во аптеките.

    Тој апелира граѓаните на своја рака да не го пијат лекот  „ивермектин“, „бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи ‘ивермектинот’“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира