ЛЕКАРИТЕ И МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ СЕГА ИМААТ РАБОТА, ЌЕ ДИСКУТИРАМЕ ДАЛИ СМЕАТ ДА ОДАТ НА ОДМОР, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЛЕКАРИТЕ И МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ СЕГА ИМААТ РАБОТА, ЌЕ ДИСКУТИРАМЕ ДАЛИ СМЕАТ ДА ОДАТ НА ОДМОР, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо Скопје за 24 часа се примени 51 нов пациент поради ковид комликации. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лекарите и медицинските сестри, особено оние што работат во ковид одделенијата поради третиот бран заболени од ковид-19 сега имаат многу ангажман и дискутабилно е дали смеат да земаат слободни денови или одмор, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој најави дека ќе го отвори ова прашање со директорите на јавните здравствени установи.

    Забраната на медицинските лица да користат одмори е уште од 13 март минатата година кога почна да се шири коронавирусот во земјава и беа затворени училиштата, спортските објекти, културните институции и таа уште е на сила, иако на дел од медицинскиот персонал му беше дозволено да искористи неколку дена од загарантираниот одмор со одобрение на директорите кога имаше помалку заболени и помал притисок на јавното здравство.

    „Се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, а се прекинува специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во Здравствен Дом Скопје и истите се враќаат на своите работни места во матичната установа“, стои во одлуката на Владата по седницата одржана на 13 март 2020 .

    Фото: Принтскрин од одлуката на Влада

    На денешната прес-конференција во Владата, на новинарско прашање дали ќе има промена во одлуката, бидејќи лекарите реагираат оти медицинскиот пересонал не може да си го искористи одморот, министерот за здравство Венко Филипче рече: „Тоа е препорака за која разговаравме кога ситуацијата беше прилично мирна. Сега е можно повторно да дискутираме, но сега се навистина ангажирани лекарите, медицинскиот персонал. Конкретно на интерните клиники, дел се вообичаено ангажирани, дел со ковид пациенти. Ќе разговараме дополнително, мислам дека и самите лекари и медицински сестри сега практично имаат зголемен обем на работа, но ќе може ова да го дискутираме со директорите“.

    На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 1.135 болни од ковид-19.

    Министерот Филипче предупреди дека во моментов се наоѓаме во екот на третиот бран од почетокот на пандемијата и дека  бележиме раст од нешто повеќе од 5000 активни случаи во последниот месец. Тој најави и прилагодување на капацитетите и отварање на нови, според планот за менаџирање на болничките капацитети кој одамна е утврден за овие услови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира