Премиерот Зоран Заев најави дека најверојатно утре попладне ќе има лидерска средба за деталите за референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат за договорот со Грција за промена на името во Република Северна Македонија, односно за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
„Со оглед на тоа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ господинот Христијан Мицкоски ќе патува в четврток, се договоривме лидерската средба за темите околу референдумот да ја одржиме утре попладне“, рече Заев утринава на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.
Досега Мицкоски како лидер на опозицијата, се нема изјаснето што мисли за референдумот, дали сака или не сака да се спроведе во септември годинава, а и преговорите на парламентарните партии, каде централно место имаат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу формирањето на новата Државна изборна комисија (ДИК), моментално тапкаат во место. ВМРО-ДПМНЕ се уште нема предложено свои кандидати за ДИК.
С. К. ДЕЛЕВСКА