МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ГИ СЛЕДИ СТРОГИТЕ ПРАВИЛА НА ЕУРОКОНТРОЛ, ВЕЛИ ВЛАДАТА ЗА ОГЛАСОТ ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ ШТО МНАВ САКА ДА ГО ПОНИШТИ

    МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ГИ СЛЕДИ СТРОГИТЕ ПРАВИЛА НА ЕУРОКОНТРОЛ, ВЕЛИ ВЛАДАТА ЗА ОГЛАСОТ ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ ШТО МНАВ САКА ДА ГО ПОНИШТИИ Грковска напиша дека членовите на УО и на НО на М-НАВ мора да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. (Принтскрин од воздушниот простор над Македонија. Фото Флајтрадар 24)

    Македонската навигација (МНАВ) да ги следи строгите правила на Еуроконтрол на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка, побара Владата од тројцата директори кои сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, на кој од 270 кандидати победија осум најдобри, но деца на обични граѓани, кои не се од партиски списоци.

    „МНАВ е институција, која има свои тела за менаџирање и начин на одлучување и сопствен буџет. Според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на кандидати за обука на контролори уште е во тек. Согласно меѓународните стандарди, МНАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка“, му укажа  Владата на менаџментот на АД МНАВ, односно на Управниот одбор составен од претседателот Фахрудин Хамиди и директорите Миѓен Селмани и Влатко Крстевски.

    До овој момент, од Синдикатот и од Здружението на контролори на летање велат дека директорот и натаму одбива да потпише осумтемина избрани на огласот да го почнат школувањето во Данска.

    САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека овие тројца директори, незадоволни што нивните и децата на партиски функционери во кои доминирале тие од ДУИ, не го положиле тестот на Еуроконтрол, сакаат огласот да го поништат и да спроведат нов, без овој задолжителен тест што го полагаат кандидатите за контролори на летање од цела Европа.

    По реакцијата на Владата, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска во статус на Фејсбук напиша дека членовите на УО и на НО на МНАВ мора да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. „Одговорност мора да има“, напиша таа..

    „Информациите за евентуално самоволно однесување на членови на УО на МНАВ, спротивно на сите принципи на добро владеење, вклучително и одговорно и совесно вршење на функцијата во заштита на интересите на граѓаните, со право предизвикуваат голем револт во јавноста“, смета Грковска.

    Тестот кој во Македонија го спровела данска компанија за обуки во авиосообраќајот е тест креиран од Еуроконтрол и него го полагаат кандидатите за контролори на летање, една од најризично безбедносните професии, од сите земји во Европа. Ние сме членки на Еуроконтрол, чии претставници постојано доаѓаат да мерат до каде сме со стандардите за безбедни авиопрелети над македонското небо.

    ФИС тестот го користат 53 земји, речиси сите од Европа, плус Канада, ОАЕ и Сингапур. (Фото: Еуроконтрол)

    „Ние сме членка на Еуроконтрол. И сами да прават тестирање директорите на МНАВ, кандидатите за контролори на летање мора да го полагаат ФИС тест. По кои стандарди директорите би ја спроведувале селекцијата? По свои!? Па Еуроконтрол ќе нè избрише, ќе отпаднеме од системот. Башка, државата ќе плаќа 70-80.000 евра за школување по кандидат, за луѓе кои не се знае дали се способни за оваа професија од која зависи безбедноста на патниците што го прелетуваат нашето небо“, велат упатените од Владата, кои потсетуваат дека МНАВ е владино акционерско друштво, а не приватна компанија.

    Тестирањето и селекцијата јна македонските кандидати ја спроведе реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“, по добиен тендер од МНАВ. Од Данците директорот на МНАВ Фахрудин Хамиди бара детален извештај за секој кандидат зошто паднал на тестот, а особено податоци за осумтемина – зошто и со колку бодови го поминале строгите тестирања?

    ФИСТ е кратенка за Прв европски тест за селекција на контролори на летање. Тестот е за да се направи проценка на знаењето, вештините и способностите релевантни за работата на контролорот на летање. Се состои од тестови за вештини и когнитивни способности, тест за англиски јазик, тест за личноста и тестови за мултитаскинг.

    Од Еуроконтрол велат дека тестот се спроведува и се оценува од компјутер, што според нив придонесува за објективност на процесот. Еуроконтрол препорачува кандидатите само еднаш да го полагаат ФИС тестот. Тука е и болката на директорите на МНАВ – кандидатите што еднаш не го положиле ФИС тестот сега се во базата на податоци на Евроконтрол и следните две години не може да се појават на тестирање.

    Овој тест го користат 53 земји, речиси сите од Европа, плус Канада, ОАЕ и Сингапур.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира