Министерството за надворешни работи упати протестна нота до Унгарија откако осудениот експремиер Никола Груевски избега во Будимпешта и побара тој да биде вратен во Македонија.
Денес во Министерството за надворешни работи бил повикан амбасадорот на Унгарија Ласло Дукс, на средба со државниот секретар Виктор Димовски.
„Целта на средбата беше предавање на протестна нота од македонска до унгарска страна, а по повод последните информации поврзани со бегството на Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија“, велат од Министерството за надворешни работи.
Од таму информираат дека на средбата на унгарскиот амбасадор Дукс му било кажано дека Унгарија треба да постапи во духот на добрите билатерални односи, на европските вредности и принципи поврзани со владеење на правото.
„Во тој контекст веднаш и без одлагање се надеваме дека Унгарија ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски и истиот ќе го предаде на Република Македонија, заради извршување на изречената казна затвор, како и продолжување и завршување на останатите судски постапки против него“, му рекол државниот секретар Димовски на амбасадорот Дукс.
Во унгарскиот парламент, денеска се дискутираше за бегството на Груевски во Будимпешта и барањето политички азил. Балаш Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, одговарјќи на пратеничко прашање, кажа дека осудениот Никола Груевски добива специјален третман затоа што бил 10 години премиер.
Тој потврди дека Груевски навистина аплицирал за азил, повторувајќи дека намерата да побара азил од Унгарија ја соопштил во амбасада во друга земја, без да каже која. Балаш одби да одговори како пристигнал Груевски во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија, но тврди дека унгарските власти не му помогнале.
Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.
На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.
На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.
На 15 ноември Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана.
Црногорската полиција на 15 ноември потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција на 16 ноември кажа дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.
А. АНТЕВСКА