МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СЕ МАЧАТ СО ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА ЕХО НА ПРОСТАТА И НА ДОЈКА, ФИЛИПЧЕ И КЛИНИКИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ПРОБЛЕМ СО „МОЈ ТЕРМИН“

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СЕ МАЧАТ СО ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА ЕХО НА ПРОСТАТА И НА ДОЈКА, ФИЛИПЧЕ И КЛИНИКИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ПРОБЛЕМ СО „МОЈ ТЕРМИН“Пациенти пред Институтот за радиологија, каде според матичните лекари, најтешко се доаѓа до термин - (Фото: К. Попов)

    Приватните лекари имаат најмногу проблеми со „Мој термин“ за да обезбедат прием за пациентите на ехо на простата и ехо на дојка, е искуството кои тие го имаат изминатите 20-тина дена од септември, откако повторно почна да функционира оваа услуга.

    „Имаме поголема побарувачка за термини отколку што е понудата од страна на докторите. Кога ќе пуштат слободен термин интернистите, за кратко време тој се пополнува. Проблематично е со ехо на простата, ехо на дојка. На пациентите кои имале патолошки наоди или имаат проблеми, многу им значи навреме да се изврши прегледот, да имаат термини. Слично е и со психијатарите, за кои тешко се наоѓа термин“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

    „Имаме поголема побарувачка за термини, отколку што е понудата од страна на докторите“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари. (Фото: СДК.МК)

    По шест месеци пауза поради коронакризата, од 17 август почна закажувањето прегледи и интервенции во електронскиот систем. Министерот за здравство Венко Филипче на 3 септември кажа дека прегледите и интервенциите од „Мој термин“ ќе бидат достапни и за лицата на кои им беа одложени интервенциите поради ковид-19 и на новите пациенти. Термините ќе им се закажуваат согласно листата на чекање кај соодветен доктор и како што биле одложувани интервенциите, таква ќе биде и динамиката.

    Најголеми се листите за чекање кај специјалистите уролози, кај кардиолозите, кај радиолошките испитувања и кај ортопедските болести.

    „Веќе се направени списоци, пред сè во институциите каде што се собирани повеќе пациенти, со хронични заболувања, каде се одложуваа интервенциите и еден дел од капацитетите ќе им биде посветен на нив, согласно листата на чекање кај соодветниот доктор. Тој ќе има обврска да направи еден дел за интервенциите само за овие пациенти, друг дел за новите“, рече Филипче.

    На прес-конференцијата во вторникот прашан за тоа дека лицата со хронични болести реагираат дека електронскиот систем „Мој термин“ е преблокиран и не можат да добијат термин за преглед кај специјалисти за да добијат потврда, Филипче кажа:

    „Системот на ‘Мој термин’ никогаш не беше блокиран. Имаше малку термини на Клиниката за пулмологија, но и тие беа доволни. Повторувам дека не се враќаат на работа сите хронично болни, туку не оние кои ќе донесат потврда од лекар специјалист за следните 6 месеци“.

    По шест месеци пауза поради коронакризата, од 17 август почна закажувањето прегледи и интервенции во електронскиот систем. (Фото: К. Попов)

    Од Институтот за радиологија, кој матичните лекари го посочуваат како тесно грло добивме информација дека директорот д-р Даниел Ѓурчинов е на пат, но ветија одговор до крајот на неделава.

    Директорот на Клиниката за урологија д-р Сашо Дохчев дека е очекувано поради рестрикцијата да има зголемен број пациенти, но клиниката работи со полн капацитет.

    „И во време на ковид ние работевме скоро нормално и не дозволивме некој од пациентите да биде со влошена состојба“, вели д-р Дохчев. (Фото: СДК.МК)

    „Чекањето е неколку месеци освен за оние пациенти кои ќе процениме дека се итни (пред сѐ малигните заболувања) кои ги оперираме во најкус можен рок“, ни рече д-р Дохчев.

    Тој вели дека и за време на рестрикциите поради пандемијата клиниката работела скоро нормално. Во периодот од 10 март до 20 август се направени 617 прегледи во амбуланта и 320 операции, од кои 224 биле малигни, 4 кадаверични и една трансплантација од жив донор, а вкупно биле хоспитализирани 511 пациенти. „Дури изработени се и 5 трансплантации“, вели директорот на Урологија д-р Дохчев.

    Немаме податок колкав бил бројот на интервенции и хоспитализирани пациенти во истиот период минатите години.

    Д-р Дохчев уверува дека ниту еден пациент кој мора да биде итно опериран нема да биде вратен.

    Б. НЕСТОРОСКА – П. ПЕЧКОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира