МАЖ И ДВЕ ЖЕНИ СЕ ЗАГИНАТИТЕ ВО ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС НА „ЕУРОБУС“ КАЈ ЛЕСКОВАЦ

    МАЖ И ДВЕ ЖЕНИ СЕ ЗАГИНАТИТЕ ВО ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС НА „ЕУРОБУС“ КАЈ ЛЕСКОВАЦАвтобусот е на компанијата „Еуробус“ од Струга, вчера појдовна станица за Виена била од Битола во 19 часот, а автобусот поминал во 19.30 во Прилеп, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од автобуските станици во Битола и Прилеп (Фото: Телеграф)

    Маж и две жени се тројцата загинати во тешката сообраќајна несреќа што се случи ноќеска околу 1.40 часот, кога на влезот во Лесковац, Србија се преврте македонски автобус, пренесе изјава од лесковачката болница српската агенција Бета. Во тек е идентификацијата на загинатите.

    „Во врска со автобуската несреќа во Србија, за сега официјално од српските власти ја имаме добиено само информацијата во врска со превозникот, а тоа е дека станува збор за автобуски превозник од Струга, со регистарски таблички СУ 3325 AЦ. Се чека на дополнителни информации, потврда за број на загинати и повредени и други информации поврзани со несреќата. Веднаш штом ќе добиеме потврда од српските власти, ќе информираме“, соопштија од македонското МНР.

    Од таму велат дека министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Влада Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Република Македонија во Белград се упатени кон местото на несреќата.

    Автобусот е на компанијата „Еуробус“ од Струга, но на телефонот што стои за контакт на нејзиниот вебсајт утрово никој не одговара. „Еуробус“ има посебна линија од Струга за Виена, но вчера појдовна станица била од Битола во 19 часот, а автобусот поминал во 19.30 во Прилеп, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од автобуските станици во Битола и Прилеп. Од Битола се купени 4 билети, 2 повратни и 2 во еден правец. Од Прилеп се качиле 11 патници, а релацијата е Битола-Прилеп-Велес-Скопје-Табановце-Виена. Едниот возач е од Битола, а другиот од Прилеп, ни потврдија од прилепската автобуска станица.

    Возачот и совозачот не се повредени, но според Бета, кажано им е дека не смеат да даваат изјави за медиуми. Според Бета, автобусот тргнал од Битола кон Виена, а имало патници од Битола и од други градови од Македонија. Еден од повредените за агенцијата изјавил дека не знае како се случила несреќата оти сите спиеле.

    „Кога се разбудив чув врескање. Видов луѓе со крвави глави и раце, а некој рече дека има и загинати. Не знам кој повика итна помош и полиција но набргу стигнаа неколку амбулантни коли и лекарите влегоа во автобусот. Веднаш ни пружија помош. Потоа стигнаа пожарникарите и сите заедно нè извлекоа од автобусот“, рече за Бета момче од Битола кое во сообраќајката ја повреди раката.

    Во болницата во Лесковац префрлени се 28 повредени патници, а во Ниш четворица. Според началникот на Хирургија во Лесковац, 4 пациенти згрижени таму се со тешки повреди но се вон животна опасност, 23 згрижени во Ургентниот центар имаат полесни повреди, а на домашно лекување се пуштени 14, но ќе останат во лесковачката болница до обезбедување превоз за Македонија.

    Автопатот кај Лесковац е чистен, но завеан е и на места е замрзнат. Автобусот ја пробил заштитната ограда и се превртел, а во меѓувреме е исправен и околу него дежура полиција и санитетско возило.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира