МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ГО ПОЗДРАВИ ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА КАКО ЧЕКОР ЗА СТАБИЛНОСТ НА ЕВРОПА

    МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ГО ПОЗДРАВИ ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА КАКО ЧЕКОР ЗА СТАБИЛНОСТ НА ЕВРОПАГерманија потенцираше дека потпишувањето на Договорот со Бугарија успеало да се направи за помалку од два месеци од формирањето на новата влада и по долгогодишна стагнација, конечно Македонија ги започнала потребните реформи за влез во ЕУ - од прес конференцијата на Борисов и Заев во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија го поздравија САД и Европската унија, како и Велика Британија, Германија и Холандија.

    „Овој договор ја покажува определбата на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тоа е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зголемува ЕУ перспективата за поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, се вели во заедничката изјава на еврокомесарите Могерини и Хан.

    Американскиот Стејт департмент им честиташе на Бугарија и Македонија и го нарече Договорот „охрабрувачки пример како мирно можат да се надминат разликите меѓу соседите“.

    „Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичката стабилност и економскиот развој во поширокиот регион и нуди охрабрувачки пример како мирно можат да се надминат разликите меѓу соседите“, стои во соопштението на анмериканскиот Стеј департмент.

    Договорот прва го поздрави Германија. Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел изјави дека со него „двете држави испраќаат важен сигнал за успешна билатерална, но и регионална соработка на Балканот и за натамошната евроатланска интеграција“. Тој потенцира дека вреди да се спомне оти потпишувањето на Договорот со Бугарија успеало да се направи за помалку од два месеци од формирањето на новата влада и по долгогодишна стагнација, конечно Македонија ги започнала потребните реформи за влез во ЕУ.

    Потпишувањето на Договорот го поздрави и Холандија. Холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс изјави дека „во интерес на целиот регион и на Европа како целина е да се засилуваат добрососедските односи и да се работи заедно на подобра иднина за сите граѓани“.

    И британскиот министер за Европа Сер Алан Данкан го поздрави потпишувањето на Договорот. „Добрососедските односи помеѓу Бугарија и Македонија се клучни за обезбедување на стабилност во регионот“, стои во изјавата на Данкан.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира