МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ И ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ХАСАНИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ

    МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ И ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ХАСАНИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИОставките на здравствените власти следат по катастрофалниот пожар во тетовскиот ковид-центар на 8 септември во кој загинаа 14 лица. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за здравство Илир Хасани поднесоа оставки од функциите, по катастрофалниот пожар во ковид центарот во Тетовската болница во кој загинаа 14 лица.

    Филипче само што соопшти дека понудил оставка до премиерот на прес-конференција во Владата, а претходно попладнево оставка поднесе директорот на Тетовската болница Флорин Бесими.

    „Пред година и пол го регистриравме првиот ковид случај, до денес стоев одговорно и транспарентно пред граѓаните, никогаш не бегав од критика, никогаш не бегав од одговор, не се откажав од битката да ја победиме пандемијата.
    Многу ме погоди трагедијата во Тетово, многу сочувствувам со семејствата. Како лекар и како министер имам интегритет, и затоа денес од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, рече Филипче во обраќањето до јавноста од Владата.

    „Во овие тешки моменти за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за формирање модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е најмалиот чин што можам да го направам во моментов, да ги почитувам жртвите, повредените, јавноста и себеси. Нема ништо над достоинството!“, напиша Хасани на Фејсбук пред пресот на Филипче.

    Бесими на својот фејбсук профил објави дека како доктор, кој цел професионален живот го посветил во лекување на неговите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болницата во Тетово, со која раководи последниве години, чувствува морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи.

    Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.

    По извршената обдукција на телата на 14-те жртви, се утврди дека двајца се девојче и жена – роднини, кои се затекнале крај болната мајка, односно кај болниот сопруг, легнати внатре во објектот, соопшти Обвинителството. Осум жени изгореле, шест мажи.

    Обвинителството презело мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

    Германски експерти од Федералната криминалистика ќе пристигнат деновиве во Северна Македонија за да ја помогнат истрагата околу пожарот во ковид центарот во Тетово, соопшти денеска Владата.

    „Утрово е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово“, велат од Владата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира