Министерот за образование Јетон Шаќири денеска ги повика наставниците да го прекинат штрајкот и учениците од понеделник да се вратат на училиште. По четири дена штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), министерот кажа дека покачување на платите ќе има, но не прецираше кога.
„Барањето е легитимно и повисоки плати ќе има. Тоа е процес, кој ќе продолжи и денес и утре сè до изнаоѓање на конечни и заедничко прифатливо решение за сите засегнати. Но, она што сакам да го истакнам на оваа прес-конференција е дека приоритет во моментов за мене лично како министер, а верувам и за многу други, особено за семејствата на учениците, е нивното враќање во училишните клупи. Не смееме да дозволиме, жаргонски кажано, нов луксуз и учениците повторно да изгубат многу од настава и од учењето. Тоа ќе создаде дополнителни празнини во знаењето кое понатаму тешко или воопшто не се надоместува“, рече Шаќири додавајќи дека ќе испрати барање до Синдикатот да се прекине со штајкот, а преговорите да продолжат.
Од СОНК денеска кажаа дека нема да го прекинат штајкот, оти досега не е најдено заеднично прифатливо решение со Владата.
„Целта ни е децата да се вратат во училиште и да бидат згрижени во градинки, но патиштата ни се различни. За да се прекине штрајкот треба патиштата негде да се вкрстат, а тоа досега не е случај. Владата да понуди нешто реално, односно одреден процент за зголемување на платите“, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков.
А. АНТЕВСКА