МИНИСТРИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ОДОБРИЈА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ НА ЕУ СО МАКЕДОНИЈА

    МИНИСТРИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ОДОБРИЈА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ НА ЕУ СО МАКЕДОНИЈАПоради пандемијата на коронавирусот, министрите не дојдоа во Брисел, туку се состанаа преку видеоконференција. (Фото: ЕУ)

    Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ги усвоија заклучоците финализирани на амбасадорско ниво со кои се одобрува почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Поради пандемијата на коронавирусот, министрите не дојдоа во Брисел, туку се состанаа преку видеоконференција.

    „Добра вест во овие тмурни времиња: конечно зелено светло за отворање на преговорите со нашите пријатели од Северна Македонија и Албанија. Вин-вин за Западен Балкан. Честитки за Тирана и Скопје, сосем заслужено“, твитна германскиот државен министер за Европа Михаил Рот.

    Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји твитна:„Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша Вархеји, додавајќи дека тоа, според него, е гласна и јасна порака до Западен Балкан.

    „Во светло на напредокот постигнат во реформите и исполнувањето на условите поставени од Советот во јуни 2018 година, со усвојување на препораките на Европскиот совет, Советот одлучи да отвори преговори со Северна Македонија. Првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо, откако Советот ќе ја усвои преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да продолжи да го мониторира напредокот и услогласувањето во сите области од условите идентификувани од Советот во јуни 2018 година“, се вели во заклучоците што ги министрите за надворешни работи во Советот на Европа, чиј нацрт го пренесе претходно агенцијата Ројтерс и македонската државна агенција МИА.

    Откако се усвои одлуката, се отвора писмена процедура за нејзино формално одобрување од сите земји-членки, со што одлуката стапува на сила. Овој процес може да трае најдоцна до 26, односно 27 март, кога се одржува и самитот на Европскиот совет на лидерите на земјите од ЕУ, кои пак ќе дадат и политичка согласност. Самитот ќе се одржи исто со видео-конференција поради коронавирусот.

    Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од земјите членки. Со оглед на неизвесноста поради коронавирусот, датуми засега нема. Северна Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција пред стартот на овој процес.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари