МИЦКОСКИ 5 ГОДИНИ ЗБОРИ ДЕКА СУМ УБИЕЦ, ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ШИРЕЊЕ НА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ЗА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    МИЦКОСКИ 5 ГОДИНИ ЗБОРИ ДЕКА СУМ УБИЕЦ, ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ШИРЕЊЕ НА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ЗА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕОбвинителството вчера го затвори предметот за набавката на модуларните болници. (Фото: СДСМ)

    Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да им се извини и на граѓаните за пет години ширење лажни вести за модуларната болница, побара денеска претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал  и корупција(ОЈО ГОКК) за затворање на предметот за набавката на модуларните болници.

    „Обвинителството јасно кажа дека нема злоупотреба на службената должност, нема штета на Буџетот и тоа го отсликува целокупното мое работење секаде, дали на клиника во интерес на пациентите некорумпирано, така и во рамките на другите функции кои што сум ги имал, сè во интерес на граѓаните без никаква штета по никого“, рече Филипче.

    Филипче кажа дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пет години водат кампања исполнета со лаги, навреди и тешки квалификации.

    „Меѓутоа, на Христијан Мицкоски и на неговата организирана криминална група, на главниот ПР советник Латас, им требаше убиец. Пет години зборат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, замислете, јас што спасувам животи, за кој што здравјето на граѓаните ми е на прво место, не престанаа“, рече Филипче додавајќи дека ваквата кампања продолжила дури и по одлуката на Обвинителството.

    Премиерот Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Прилеп, рече дека е скандалозна одлуката на Обвинителството предводено од Ислам Абази да се запре постапката за модуларната болница.

    „Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. За жал, обвинителот којшто веќе е во заминување бидејќи од тоа што сум информиран е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува докрај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе. Но, сакам да знае јавноста дека ова не е политичка амнестија од страна на тој обвинител кон поранешните негови наредбодавци, бидејќи секогаш можат да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и да се покрене од самиот почеток“, рече Мицкоски.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека нема основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување ниту за друго кривично дело што се гони по службена должност во постапките за јавни набавки на 19 модуларни болници. Со ова, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема простор за натамошно постапување и предметот е затворен.

    Случајот беше отворен по сопствена иницијатива на Обвинителството во септември 2021 за да се провери целокупната документација за набавките и евентуално постоење на кривична одговорност. Во постапката биле анализирани материјали и податоци обезбедени од Владата, министерствата за внатрешни работи, финансии, труд и социјална политика и здравство, како и од Бирото за јавни набавки и ОЈО Тетово.

    Проверките покажале дека од април до јуни 2020 година биле спроведени три набавки за проширување на болничките капацитети за справување со пандемијата, наменети за монтажни контејнери кај Инфективната клиника во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и модуларен оддел за Клиниката за пулмологија и алергологија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира