МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКАТА ЌЕ УЦЕНУВА СО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЗАШТО ИСТРАГИТЕ И ОБВИНЕНИЈАТА ПРОТИВ БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ПРЕЖИВЕАТ И БЕЗ СЈО

    МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКАТА ЌЕ УЦЕНУВА СО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЗАШТО ИСТРАГИТЕ И ОБВИНЕНИЈАТА ПРОТИВ БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ПРЕЖИВЕАТ И БЕЗ СЈОКатица Јанева му ги отстапи на Републичкото јавно обвинителство сите предмети на СЈО, сосе предистрагите, онака како што бараше ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за иднината на СЈО. - Од лидерската средба во март во Владата (Фото: Влада)

    На лидерската средба што е закажана за вечерва во 20 часот во Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе бара предвремени парламентарни избори за да се согласи пратениците од неговата партија да гласаат за Законот за Јавно обвинителство, велат негови сопартијци.

    Во најголемата опозициска партија има врвулица од правници и партиски експерти, по одлуката на Катица Јанева да му ги отстапи на Републичкото јавно обвинителство сите предмети на СЈО, сосе предистрагите, онака како што бараше ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за иднината на СЈО. Но, никој од нив не може да го подучи Мицкоски со каква стратегија да настапи, бидејќи, како што велат соговорниците, бесмислено е сега тој да бара да се врати СЈО, кога цело време оваа институција беше блокирана, напаѓана и со постојани заложби токму од него и од партијата, да биде збришано и да не постои.

    Мицкоски и јавно пред два дена во ТВ-интервју кажа дека со лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на лидерската ќе зборуваат и за предвремени парламентарни избори.

    Јанева на 3 септември од затворот во Шутка кај што е во притвор, испрати полномошно до колегите во СЈО со кое ги овласти сите предмети што ги водат, да му ги предадат на државниот Јавен обвинител Љубомир Јовески и потоа тој според постоечкиот Закон за јавно обвинителство да одлучи натаму што ќе прави со нив. Јанева тоа го стори на 12 дена пред истекот на нејзиниот мандат на 15 септември и година дена пред истекот на целосниот мандат на СЈО, зашто партиите не се договорија за новиот Закон за Јавно обвинителство и за новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција, кај што требаше да продолжат предметите на СЈО.

    Во СДСМ велат дека во ВМРО-ДПМНЕ се надевале оти по завршувањето на мандатот на Јанева, ќе зјае СЈО уште една година без нејзин наследник, законот нема секако да се донесе, истрагите ќе фаќаат пајажина, а судењата по поднесените обвиненија ќе се прекинат, бидејќи би имало само помошници, а ќе нема специјален обвинител за да го застапуваат.

    Од одлуката на Јанева биле непријатно изненадени и поголемиот дел од обвинителите во СЈО, кои во услови на недонесен закон, не знаат каде ќе ги продолжат кариерите, а не знаат ни кој ќе ги заштитува поради тоа што сослушуваа осомничени функционери, обезбедуваа заштитни сведоци, собираа докази за организиран криминал и корупција, ги бранеа обвиненијата на суд, а некои од нив и добија пресуди.

    Од друга страна, точно една недела Јовески не соопштува во јавноста што ќе прави со предметите од СЈО, кому ќе ги распредели, што ќе биде со обвинителите и истражителите од СЈО, па непознато е дали на вечерашната лидерска средба Заев и Мицкоски ќе може да разговараат за некакви негови планови и одлуки.

    Додека се тегнат со месеци преговори за спас на осомничените и обвинетите бивши функционери од ВМРО-ДПМНЕ и додека се одвива уништувањето на СЈО, за ниеден актуелен висок функционер од СДСМ и од ДУИ не е отворена истрага за корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира