МНР ГИ ДОСТАВИ ДО АНТИКОРУПЦИСКА И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ТЕНДЕРОТ ОД 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА КОЈ ГО ДОБИ ДОНАТОР НА ДУИ

    МНР ГИ ДОСТАВИ ДО АНТИКОРУПЦИСКА И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ТЕНДЕРОТ ОД 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА КОЈ ГО ДОБИ ДОНАТОР НА ДУИМинистерот за надворешни работи Бујар Османи во средата изјави дека од медиумите дознал оти фирмата добитник на милионскиот тендер е донатор на ДУИ и дека не бил среќен поради тоа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерството за надворешни работи (МНР) ја достави до Антикорупциската комисија и Обвинителството документацијата за тендерот од 1,8 милиони евра што го доби фирма донатор на ДУИ.  Од Министерството апелираат до институциите „да придадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста“.

    На тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ во Скопје, прворангираната „Еуровиа“ понудила 93.746.070 денари, второрангираната 120.668.981 денари, треторангираната 134.015.461 денари, а највисоката понуда била 374.353.297 денари.

    Повторуваме дека нема нерегуларности во постапката, неопходна за успешно одржување на најголемиот меѓународен политички настан во Скопје, во рамки на претседавањето на земјата со ОБСЕ. Заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација“, велат од Министерството.

    Фирмата од Желино која го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми. Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице донирал 2.509.200 денари (над 40.000 евра), додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари (30.000 евра).

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи во средата изјави дека од медиумите дознал оти фирмата добитник на милионскиот тендер е донатор на ДУИ и дека не бил среќен поради тоа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира