МОЖЕ ДА ПРЕПОРАЧАМЕ ЗАТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ АКО СЕ ПОКАЖЕ ДЕКА ВЛЕЗОТ НА ГРАЃАНИ ОД СРБИЈА И КОСОВО МОЖЕ ДА ГО ЗАГРОЗИ ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    МОЖЕ ДА ПРЕПОРАЧАМЕ ЗАТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ АКО СЕ ПОКАЖЕ ДЕКА ВЛЕЗОТ НА ГРАЃАНИ ОД СРБИЈА И КОСОВО МОЖЕ ДА ГО ЗАГРОЗИ ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕСе чекаат информации од повеќе градови од Србија и од Косово за бројката на новозаболени пациенти од коронавирус, за евентуално затворање на границите, рече Филипче; - Граничен премин „Табановце“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во наредните неколку денови може да препорачаме некои мерки ако утврдиме дека влезот на граѓани од Србија и од Косово може да го загрози нашиот здравствен систем, кажа денеска министерот за здраство Венко Филипче. За таква одлука, рече тој, се чекаат информации од повеќе градови од овие две земји за бројката на новозаболени пациенти од коронавирус.

    „Во изминатите 10 дена, кризата со коронавирусот секаде ескалираше“, рече тој.

    Во Србија има над 300 случаи на ден, Бугарија над 150, Хрватска 86, Албанија 70, Косово преку 100 случаи на ден. Според Светската здравствена организација (СЗО ), 60 отсто од случаите од вкупно 10.000.000 се регистрани во јуни, а кај нас, рече тој, новиот бран дојде нешто порано.

    „Во последната недела имаме 303 помалку заболени, но и помалку починати, а повеќе оздравени. Инциденцата е нешто пониска. Р-0 факторот на преносливост е нешто над 1, а во останатиот период претходно е околу 0,9“, кажа тој.

    Со цел здравствениот систем да биде спремен за есенските месеци, кога се очекува вирусот уште побрзо да се шири, Филипче кажа дека ќе се постави модуларна болница до Клиниката за пулмологија, која ќе биде тријажен центар за пациенти со ковид-19, и дека разговарал со повеќе градоначалници и директори на здравствени установи низ земјава за да се подготвуваат за есенскиот бран. Во план е да се користат и студенски домови за третман на пациенти, како на пример во Охрид, но за тоа ќе следат разговори со Министерството за образование.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, си заминуваат двајца анестезиолози, тој кажа дека во изминатиот период е забележан зголемен број на барања на трансфери на медицински лица од приватното во јавното здравство, и дека двајца анестезиолози дошле во „8 Септември“. Сега, едната докторка најавила отказ и дека сака да се врати во приватната болница, а Филипче потврди и дека си заминува уште една докторка која долги години работела тука.

    „Од среда во болницата ќе дојдат двајца анестезиолози од КАРИЛ, така што нема недостиг на персонал“, кажа тој.

    Според денешната статистика од Министерството за здравство, во последните 24 часа се направени 894 тестирања, а регистрирани се 78 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-26, Куманово-4, Дебар-1, Штип-17, Тетово-9, Струга-3, Битола-1, Охрид-1, Гостивар-5, Крива Паланка-1, Кочани-1, Пробиштип-3, Виница-1, Свети Николе-5.

    На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 5 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 90 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 29 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и 4 деца позитивни и суспектни на вирусот. Во „8 Септември“ примени се 6 нови, вкупно хоспитализирани се 122 пациенти. На респираторна машина се 3 пациенти.

    Во болницата во Битола се хоспитализирани 37, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 94 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира