Македонската православна црква (МПЦ) нема информации за апсењето на владиката Петар во Мелбурн, па поради тоа нема ниту став за овој настан. Портпаролот на Синодот на МПЦ, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј вели дека не може да го коментира настанот.
„Нам не ни е познат овој настан. Едно е да се биде повикан на разгoвор, како што вели Владиката Петар, а друго се обвинувањата. Треба да го почитуваме златното правило за презумпција на невиност, не е виновен се додека не се докаже дека е виновен. Ние немаме официјални информации за тоа што навистина се случило. Јас не сум ги побарал, а не можам ниту да ви кажам дали некој друг од Синодот ги побарал оти сме на нешто како летен одмор“, вели отец Тимотеј.
Во зависност од тоа дали и какво дело ќе се докаже, МПЦ ќе ја одредува и евентуалната казна за владиката Петар.
Според австралиската полиција, владиката Петар минатата недела бил уапсен и испрашан во рамки на истрага за кражба и лажно сведочење. По испрашувањето бил ослободен и се чека продолжување на истрагата.
Владиката Петар демантираше дека полицијата во Мелбурн го апсела. Рече дека бил на сослушување за кое претходно добил покана, а веста за неговото апсење била лага зад која стојат струмичкиот владика Наум и игуменот Гаврил, против кои се води постапка за расчинување.