МРТВ ГИ ПОНИШТУВА КОНКУРСИТЕ НА КОИ РИСТО БОМБАТА ДОБИ 36.000 ЕВРА, А ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ 12.000

    МРТВ ГИ ПОНИШТУВА КОНКУРСИТЕ НА КОИ РИСТО БОМБАТА ДОБИ 36.000 ЕВРА, А ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ 12.000Министерството упатило инспекциски надзор кој констатирал дека се длабоко пробиени роковите за носење одлуки кои песни и автори ќе бидат поддржани со овој Закон, кажа министерот Алаѓозовски минатата недела. - Кристијан Габроски; Ѓорѓи Крстевски

    Македонската радио телевизија ќе ги поништи двата конкурси од 2017 година за финансирање на песни според Законот за поддршка на домашната музичка продукција.

    На вчерашниот состанок меѓу претставници на Министерството и МРТВ , донесена е одлука, по спроведениот надзор и по насоките дадени од Министерството за култура, МРТВ да ги поништи одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на вториот и третиот квартал од 2017 година.

    „На состанокот заеднички беше констатирано дека актуелниот Закон е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен.

    Претставниците на Министерството за култура и МРТВ се договорија во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција“, велат од Министерството.

    На последниот конкурс композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски- Принц за три песни. На последниот конкурс кој заврши на 29 декември, потрошени се вкупно 102.000 евра за вкупно 38 песни. Габроски е автор на композиции што вкупно добиле 36.000 евра.

    МРТВ ја објави одлуката за избор на изведувачи односно на нови композиции, за која одлучило жирито во состав Константин Карев (претседател), Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. Конкурсот беше објавен на 30 јуни 2017, а одлуката е донесена на 5 јануари.

    МРТВ на 25 август ги објави резултатите од јунски конкурс, според кој 9.000 евра за две песни доби Роберт Саздов од „Куку леле“. Саздов третпат добива пари во највисоката категорија, и кој лани доби исто 9.000 евра за 2 композиции. Тој претходно беше и член на комисиите за избор.

    Во истата категорија 9.000 евра за две песни доби и фолк пејачката Сузана Спасовска, која изминатата година беше активна учесничка, говорник и пејачка на протестите на „За заедничка Македонија“, кои кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април.

    Кристијан Тасевски и „Дуо Коктел“ добија пари за песни што ќе ја афирмираат македoнската историја, а на тој конкурс не беше избрана ниедна песна за афирмација на семејните вредности и за многудетни семејства.

    Министерството лани најави дека започна постапка за носење нов закон со кој ќе се укинува претходниот, донесен на крајот на 2013 во мандатот на министерката Елизабета Канческа-Милевска и Владата на чело со Никола Груевски. Според најавениот рок, предлог законот беше изготвен во декември.

    Од Министерството неодамна изјавија дека на 27 декември добиле позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

    „Со овие одлуки на МРТВ, објавени на 5 јануари годинава се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура. Во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој Закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи“, рекоа од Министерството за култура.

    „Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансира неквалитет и шунд, и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, стоеше во соопштението од Министерство.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски минатата недела рече дека незаконски биле донесени одлуките по конкурсите за финансирање на песни според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, чиј носител е МТВ.

    Тој рече дека Министерството упатило инспекциски надзор кој констатирал дека се длабоко пробиени роковите за носење одлуки кои песни и автори ќе бидат поддржани со овој Закон.

    „Од страна на инспекцискиот надзор, раководството на МРТ беше предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки со кои се создава штета по буџетот и претставуваат злоупотреба и несовесно работење на службата. Исто така, раководството на МТВ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на законот и нови основи за кривична одговорност“, рече Алаѓозовски.

    Алаѓозовски минатата недела најави дека Министерството за култура започна да врши и ретроактивна детална проверка на претходните конкурси, за кои исто така имаат индиции за крупни напревилности. Од првичниот увид во документацијата воочени се повеќе прекршувања. И покрај тоа што Законот предвидувал директорот на МРТВ по предлог на Комисијата да одлучува во рок од три дена за избор на изведувачи и композициите, одлуката била носена со доцнење од еден до три месеци. Не бил испочитуван делот од Законот кој предвидувал во Комисиите да членуваат музички уредници со работно искуство на таа позиција од пет години. Наместо за пејачи и музички групи, пари се давале и на автори на композиции. Изведувач можел да конкурира со повеќе песни во една категорија, а се случувало да добива средства во повеќе категории.

    Имало и судир на интереси. Така, сопружници биле членови на Комисијата која доделила средства на група во која бил и син на тие членови од Комисијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира