МВР ОД ПРЕД ДВА ДЕНА СО ДРОНОВИ ГИ ОБЛЕТУВА ШУМИТЕ, СНИМА КОЈ СЕ ДВИЖИ И КОЈ ПОДМЕТНУВА ПОЖАРИ

    МВР ОД ПРЕД ДВА ДЕНА СО ДРОНОВИ ГИ ОБЛЕТУВА ШУМИТЕ, СНИМА КОЈ СЕ ДВИЖИ И КОЈ ПОДМЕТНУВА ПОЖАРИДроновите што ги активира МВР ќе бидат тие кои на камера ќе ги снимат сите предизвикувачи на пожарите и кои најмногу ќе помогнат да се спречат масовните пожари во моментов, велат од Обвинителството. (Фото: СДК.МК)   

    Министерството за внатрешни работи (МВР) од 6 август со дронови следи движење по шумите кое е забрането од 15 јули, ненамерно предизвикување пожар поради несовесност и намерно подметнување пожари.

    „Со воведувањето на овие оперативни мерки, се очекува не само да се зголеми ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, туку и детектирање на можните причини или причинители“, вели МВР.

    Денеска е поднесена кривична пријава против жител на велешкото село Ореше, кој признал дека предизвикал пожар. Тој е осомничен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. По кој став е поднесена кривичната пријава не е наведено. Ако е намерно предизвикување со тешки последици, казната може да биде затвор од 6 месеци до 5 години.

    Ако делото е сторено од небрежност, тогаш санкцијата е од парична казна до три години затвор.

    Ако со ова дело настапиле тешка телесна повреда кај некое лице или поголема имотна штета, сторителот ќе се казни од една до 10 години затвор.

    Тој се сомничи дека на 6 август колу 12.00 часот предизвикал пожар во реонот на с. Папрадиште кон с. Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото.

    По синоќешната изјава на директорот на Центарот за управување на кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов дека 40 нови пожари има секој ден, јавноста бара МВР против сторителите да поднесува кривични пријави до Обвинителството по најстрогите затворски казни пропишани во Кривичниот законик.

    Од Обвинителството велат дека проблемот се доказите. Ако полицијата има докази, видеоснимки или сведоци дека сторителот намерно подметнал пожар и предизвикал огромна штета, сигурно ќе поднесе пријава по најстрогите пропишани норми. Натаму Обвинителството ќе истражи и ќе поднесе најстрого обвинение за случаите со намерното предизвикување на пожари.

    Ако обвинителот поднесе обвинение со најстроги казни, а за нив има слаби докази, таквото обвинение ќе падне пред суд.

    „Со оглед на тоа дека не е возможно со камери да бидат покриени шуми, големи територии, во ек на најстрога забрана за движење низ шумите, што значи и отсуство на сведоци, дроновите што ги активира Министерството за внатрешни работи ќе бидат тие кои на камера ќе ги снимат сите предизвикувачи на пожарите, односно тие кои најмногу ќе помогнат да се спречат масовните пожари во моментов“, велат од Обвинителството.

    Изјавата на Ангелов е алармантна.

    „Тешко објасниво е појава на 40 нови пожари во еден ден. На дневна основа имаме појава на 35-40 стихии. Се сомневам дека добар дел се подметнати бидејќи не е нормално во еден ден да имаме 35-40 пожари. Или се работи за тотална неодговорност на одредени поединци или за некаква намера“, рече директорот на ЦУК.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира