НА АУКЦИЈАТА ЗА НАБАВКА НА 12 ВОЗИЛА ЗА БРЗА ПОМОШ ЗАШТЕДИВМЕ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    НА АУКЦИЈАТА ЗА НАБАВКА НА 12 ВОЗИЛА ЗА БРЗА ПОМОШ ЗАШТЕДИВМЕ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА, КАЖА ФИЛИПЧЕ„Шест од новите возила ќе добие Итната медицинска помош од Скопје, а останатите ќе ги распределиме според потребите на здравствените домови“, рече министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    На електронската аукција за набавка на нови возила за Итна медицинска помош што се оддржа вчера Министерството за здравство заштедило 12,24 милиони денари, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

    На денешната прес конференција тој рече дека за набавка на 12 возила за Итната медицинска помош со тендерската документација испланирале 30,5 милиони денари или 495.934 евра, а по спроведената аукција најповолната понуда била 18,3 милиони денари или 297.560 евра. Според овие бројки Министерството за здравство за набавка на едно возило за Брза помош  ќе потроши 24.796 евра.

    „При набавката на амбулантните возила постигната е најниската цена на чинење, со што Министерството заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра. Со набавката на возилата се подобруваат условите и на пацинетите им се овозможува услугата која им е неопходна“, рече Филипче.

    Тој кажа дека набавиле квалитетни возила од реномиран производител и дека одлуката за избор на најповолен понудувач ќе ја објават во понеделник. Договорот согласно Законот за јавни набавки ќе го потпишат во рок од 12 дена.

    Според препораките на Светска Здравствена Организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на Брза помош.

    „Итната медицинска помош во Скопје досега функционираше со само шест возила. Со оваа јавна набавка, се обезбедуваат дополнителни шест возила, со што се зајакнуваат капацитетите на Брза помош за 100 отсто, а воедно ги задоволуваме и стандардите на СЗО. Останатите шест возила ќе бидат распределени низ целата држава во оние здравствени домови каде е најмногу потребно“, рече Филипче.

    Тој кажа дека Министерството е во постапка да добие донација од уште три амбулантни возила од Чешка, кои дополнително ќе ги распределат според потребите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира