И НА ГРЦИЈА Ѝ ОДГОВАРА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ НИКОЛА ДИМИТРОВ

    И НА ГРЦИЈА Ѝ ОДГОВАРА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ НИКОЛА ДИМИТРОВНикола Димитров на 17 мај во Стејт департментот се сретна со заменик помошникот на државниот секретар на САД, Хојт Ји, кој вчера изјави дека Вашингтон очекува од новата влада договори што ќе го одблокираат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции. Никола Димитров беше амбасадор во Вашингтон кога САД ја признаа Македонија под уставното име и козастапник на тужбата на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција за прекршување на привремената спогодба од 1995 година(Фото: Твитер)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров е убеден дека и Грција има интерес за европска Македонија. На покана на неговиот грчки колега Никос Коѕиас, Димитров наскоро ќе ја посети Атина и вели дека во Грција сака да го претстави новото лице на Македонија, бидејќи нашиот најголем предизвик за евроатлантските интеграции се токму односите со Атина.

    „Работа на дипломатијата е да гради мостови, да прави пријателства и да отвара врати и перспективи. Бидејќи нашиот најголем предизвик за евроатлантските интеграции се токму односите со Атина, сакам прво во Грција да го претставам новото лице на Република Македонија. Убеден сум дека имаме многу заеднички интереси. Убеден сум дека и Грција има интерес за европска Република Македонија“, изјави Димитров за САКАМДАКАЖАМ.МК, зошто токму грчкиот колега ќе биде првиот со кого ќе има официјална билатерална средба.

    Поранешните преговарачи за името Никола Димитров и Мартин Протоѓер на средба со медијаторот Метју Нимиц по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога Грција го блокираше членството на Македонија – (архивска фотографија)

    Вчера, заменик помошникот на државниот секретар на САД, Хојт Ји, кажа дека го радува „тоа што министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, подаде рака на пријателство до другата страна во Македонија, изразувајќи подготвеност за средби и за разговори во насока на унапредување на односите помеѓу двете земји, што се надеваме ќе доведе до договори кои ќе го одблокираат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции“.

    МЕ РАДУВА ШТО ГРЦИЈА Ѝ ПОДАВА РАКА НА МАКЕДОНИЈА, ИЗЈАВИ ХОЈТ ЈИ

    Министерот Никола Димитров беше еден клучните актери во досегашните процеси во спорот со Грција. Тој беше амбасадор во Вашингтон кога на 4 ноември 2004 година САД ја призна Македонија под уставното име. За амбасадор во САД две години претходно го назначи поранешниот претседател Борис Трајковски, во чиј кабинет беше советник за национална безбедност.

    Актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров и ексминистерот, а сега пратеник, Антонијо Милошоски, беа козастапници на тужбата против Грција во Меѓународниот суд на правдата во Хаг. (Фото: АП)

    Заедно со поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, Димитров беше козастапник на тужбата што ја поднесе Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција за прекршување на привремената спогодба од 1995 година. Судот на 5 декември 2011 година донесе пресуда во корист на Македонија, прифаќајќи ги аргументите на македонскиот тим дека Грција во 2008 година ја прекршила спогодбата со тоа што го блокирала нашиот приемот на Македонија во НАТО под референцата ПЈРМ. Додека траеше судењето, Димитров беше амбасадор во Холандија.

    Пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога Македонија беше блокирана од Грција, Димитров беше македонски преговарач во спорот со Грција околу името и имаше средби во Њујорк со медијаторот Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамандиос Василакис.

    ПРОБЛЕМОТ СО ГРЦИЈА ЌЕ ГО РЕШАВАМЕ ЗАЕДНО СО ОПОЗИЦИЈАТА И ЌЕ ИМА РЕФЕРЕНДУМ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    Во однос на прашањето на спорот со името со Грција, пред четири дена во Собранието, премиерот Зоран Заев кажа дека проблемот ќе го решава во соработка со опозицијата, а граѓаните ќе дадат мислење преку референдум.

    „Проблемот на Грција со нашето име е логично прашање на загриженост. Ќе разговараме заедно со опозицијата, заедно со консензус ќе ги носиме одлуките кои ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да најдеме решение за проблемот, а не да го блокираме“, рече Заев.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира