600 затвореници од сите одделенија на затворот „Идризово“ попладнево одбиле да земат ручек поради штрајк. Во затворот има вкупно околу 1.100 затвореници и засега не штрајкуваат сите, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Боби Мојсовски.
„Затворениците, повеќе од половина на број, не штрајкуваат поради условите во затворот или од која било причина поврзана со установата, туку како што велат затворениците поради нереагирањето на нивното писмо на кое тие се потпишаа и го објавија пред две недели, а во кое бараат амнестија исто каква што се најавува дека ќе добијат обвинетите од судењето за 27 април. Засега штрајкот е мирен, нема никакви проблеми од затворениците потпишани на писмото и нема најави до кога ќе трае штрајкот со одбивање на затворската храна.“, изјави Мојсовски.
На 27 ноември, затворениците му пишаа на премиерот Зоран Заев доколку ги помилува луѓето кои се обидоа да ги убијат претставниците на повеќе од 500 илјади граѓани, тогаш зошто да не ги помилува и нив.
С. К. ДЕЛЕВСКА