НАЈГОЛЕМИТЕ КРВНИЦИ ПУШТЕНИ НА СЛОБОДА ПРЕД ПРЕСОТ НА ГРУЕВСКИ ВО 4 НАУТРО

    НАЈГОЛЕМИТЕ КРВНИЦИ ПУШТЕНИ НА СЛОБОДА ПРЕД ПРЕСОТ НА ГРУЕВСКИ ВО 4 НАУТРОНиеден од осумтемина приведени не бил задржан, иако станувало збор за затекнати или идентификувани напаѓачи во прес салата каде што речиси два часа беа држени во заробеништво и континуирано беа тепани лидерот на СДСМ Зоран Зае, други пратеници и новинари. - Од упадот во Собранието во четвртокот (Фото: СДК.МК)

    Осумтемина приведени, колку што вкупно од толпата насилници во Собранието биле приведени по наредба на обвинителството, биле пуштени на слобода бргу по апсењето, во 4 часот утрото во петокот, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од обвинителството. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, половина час подоцна одржа прес-конференција која првично беше закажана првично за 3 часот и на која ги повика институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и да бидат изнесени на суд. Тој кажа дека не знаел што се случува, бидејќи бил во Виена.

    Ниеден од осумтемина приведени не бил задржан, иако станувало збор за затекнати или идентификувани напаѓачи во прес салата каде што речиси два часа беа држени во заробеништво и континуирано беа тепани лидерот на СДСМ Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците Зијадин Села, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Љупчо Николовски, Максим Димитриевски, Александар Кирацовски, Џеват Адеми, Диме Велковски и членовите на партиското обезбедување.

    Освен овие, досега нема донесено во обвинителството нови приведени, тврдат истите извори. Во ќелиите во подрумот нема задржани лица поврзани со тешкото насилство што се случи во четвртокот навечер, кога по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, долу на приземјето влегоа околу триста митингаши од „За заедничка Македонија“. Горе во прес салата, каде што беа пратениците од парламентарното мнозинство и новинарите, се втурна толпа од 50-ина луѓе предводени од маскирани ликови, кои крвнички ги тепаа и ги тешко ги повредија Заев, неговите пратеници и особено лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

    Обвинителството на Марко Зврлевски во соопштението не одговори дали ги пуштило на слобода приведените едвај осум души поврзани со крвавите настани во собраниската прес-сала. Оттаму, всушност, воопшто не кажуваат колку лица се лишени од слобода, со образложение дека ќе го направат тоа кога ќе се создадат услови и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите.

    „Бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија кои ќе бидат преземени, јавното обвинителство ќе и ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите“, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

    Зврлевски не кажува дали обвинителството истражува обид за убиство или далеку полесно кривично дело – учество во толпа. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој претрпе повреди на главата, обвини дека се работи за организиран обид за убиство, но од ОЈО велат дека сѐ уште немаат одредено правна квалификација на извршените кривични дела.

    „До овој момент не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела. Поставувањето на конкретната правна квалификација за секое лице за кое ќе се утврди дека сторило кривично дело ќе биде сторено откако ќе се собере потребниот доказен материјал одделно за секое лице инволвирано во кривично правните настани и по утврдување на фактите“, наведе обвинителството во денешното соопштение.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира