НАМ НИКОЈ НИШТО НЕ НИ ПОДАРУВА, ДРЖАВАТА СИ КУПУВА ГАСОВОД ПО РЕАЛНА ЦЕНА, РЕАГИРААТ ОД МАКПЕТРОЛ НА ОБВИНУВАЊАТА ОД ОПОЗИЦИЈАТА

    НАМ НИКОЈ НИШТО НЕ НИ ПОДАРУВА, ДРЖАВАТА СИ КУПУВА ГАСОВОД ПО РЕАЛНА ЦЕНА, РЕАГИРААТ ОД МАКПЕТРОЛ НА ОБВИНУВАЊАТА ОД ОПОЗИЦИЈАТАПремиерот Зоран Заев на увид на градежните работи на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар во ноември годинава. (Фото: Влада на РСМ)

    На „Макпетрол“ никој ништо не му подарува, туку државата купува од „Макпетрол АД Скопје“ капитален објект по реална цена, кој единствено денес функционира во областа на гасификацијата на земјава реагираат од компанијата по повод блокирањето на законот во Собранието со кој државата треба да стане единствен сопственик на компанијата за дистрибуција на природен гас ГА-МА.

    ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на „Макпетрол АД Скопје“ и Владата со по 50% од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра. Од компанијата велат дека од 2006 година до денес, ГА-МА има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата.

    „Со цел да се утврди сегашната вредност на ГА-МА АД Скопје, пред реализација на трансакцијата е извршена проценка на пазарната вредност на Друштвото од страна на овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења како орган на државната управа во состав на Министерството за правда. Со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50% во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на Макпетрол АД Скопје“, се вели во соопштението на компанијата.

    Од компанијата потсетуваат дека Владата на Никола Груевски пред четири и пол години го изгради најскапиот гасовод во светот кој уште не е во функција.

    „За кракот од Клечовце до Штип во должина од 60,6 километри потрошени се 76,7 милиони американски долари или околу 65 милиони евра,мртва инвестиција која до ден денес не функционира, а од ‘Макпетрол‘ се купува функционален гасовод во должина од 205 километри“, се вели во реакцијата на компанијата по повод обвинувањата на опозицијата дека Владата ќе ѝ даде 33 милиони евра на „Макпетрол“ за да ја контролира ТВ Телма која е во сопственост на нафтената компанија.

    „Лага е дека се воделе преговори за продажба на Телма на бугарски инвеститори. Станува збор за класична конструкција и манипулација, која нема допирна точка со реалноста“, реагираат сопствениците на Телма на собраниската расправа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира