НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА РОАМИНГОТ СО ГРЦИЈА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЛЕТОТО, НАЈАВИ МАНЧЕВСКИ

    НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА РОАМИНГОТ СО ГРЦИЈА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЛЕТОТО, НАЈАВИ МАНЧЕВСКИ„Максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваат во Европската унија“, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.-министерот Манчевски со министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас (Фото:Ѓ.Личовски)

    Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави намалување на цените на роамингот со Грција, по денешната средба со министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас. Тие денес потпишаа Меморандум за разбирање за намалување на цените во роаминг. Тој кажа дека со меморандумот се предвидува динамичко намалување на големопродажните и малопродажните цени во роаминг услугите, како што биле цените во Европската унија пред воведување на концептот “роаминг како дома“.

    „Утрово имавме работен состанок со министерот Папас, директорот на АЕК, Сашо Димитријоски и заменик директорот на Грчката комисија за телекомуникации и пошти, Спирос Пантелис. На состанокот заклучивме дека се отстранети сите пречки и дека постои политичка волја од двете страни за продлабочување на соработката. Се согласивме дека максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваат во Европската унија. Наша цел е до почетокот на летната сезона, граѓаните на двете држави да ги почувствуваат првите намалувања на цените. Следниот чекор е целосно укинување на роамингот“, рече Манчевски.

    Регулаторите имаат рок не подолго од два месеци да ги изветат надлежните министерства ако се потребни измени на законската регулатива за да се реализира намалувањето на цените на роамингот.

    „Сакам и јас да потврдам во име на Република Грција дека сме спремни да ги преземеме сите легални мерки, сите правни мерки и сите алатки, со цел граѓаните на двете земји многу брзо и пред туристичкиот период, да видат намалување во сметките за телекомуникација. Би сакал исто така да кажам дека е очигледно дека регулаторните органи од двете страни се спремни да ги стават во сила, да ги употребат законите, како што се изработени или доколку е потребно да се прилагодат за да се оствари овој Договор. Оваа посета беше многу корисна и имавме можност да разговараме и за многу други теми”, рече грчкиот министер Папас.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира